Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша билатерален договор со Советот на Европа во Палатата на Европа во Стразбур за создавање Специјален тунрибал за злосторство агресија против Украина, пишува Укриноформ.
„Ова е навистина важен чекор. Денес го започнуваме процесот на создавање трибунал што ќе ја суди Русија за нејзината агресија против Украина. Секој воен злосторник мора да знае дека ќе има правда – а тоа ја вклучува и Русија. Сега значително го зајакнуваме правниот фронт. Сè уште има долг пат пред нас, но политички веќе постигнавме значителен напредок“, изјави Зеленски по потпишувањето.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, ја потврди посветеноста на организацијата на правдата и одговорноста.
„Улогата на Советот на Европа е да ја почитува правдата и одговорноста – преку Европскиот суд за човекови права, преку Регистарот на штети и средства, а сега и преку Специјалниот трибунал. Украина може да смета на Советот на Европа“, изјави Берсе.
Специјалниот суд нема да може да ги гони рускиот претседател Владимир Путин, неговиот премиер Михаил Мишустин или министерот за надворешни работи Сергеј Лавров додека се на функција.
Судот ќе има 15 судии од различни земји кои ќе ги избира одборот на директори, а нивниот мандат ќе трае од три до девет години и не може да се продолжи.
Освен овој суд, Советот на Европа иницираше воспоставување регистар на штети предизвикани во војната во Украина.
-Регистарот досега примил повеќе од 34.000 барања за надомест, рече Берсе, пишува МИА.