УЈП: ВМРО – ДПМНЕ должи пари за кампањата на Силјановска
ВМРО-ДПМНЕ останала должна 22 милиони денари на компанијата Полиестердеј за рекламен материјал за кампањата за избор на претседател, покажала контролата на Управата за јавни приходи спроведена на фирмата во септември и октомври годинава. Контролата е спроведена откако Управата во проверка на Полиестердеј за 2017 и 2018 година за данок на добивка констратирала одредени пропусти, со што се преминало кон проверка на 2019 година.
Дескоска: Борбата против корупција треба да почне од Јавното обвинителство
Клучните почетоци на сите постапки во борбата против криминалот и корупцијата треба да почнат од Јавното обвинителство, порача денеска министерката за правда Рената Дескоска пред почетокот на дијалогот за политики „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година“. Дескоска информира дека денешната дебата е околу процесот на остварувањето на Стратегијата за реформи во правосудството, додавајќи дека во добар дел се завршени со носењето на законската рамка што Министерството за правда е надлежно да ја изготви, а Собранието да ја донесе.
Обвинителството истражува кој ги снимил и кој ги пушта новите „бомби“ на Јутјуб
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со новите „бомби“ поврзани со случајот „Рекет“, отвори предмет по допрен глас по кој постапува надлежен јавен обвинител, велат од Обвинителството, откако денеска се појавија уште два прислушувани аудио разговори кои во јавноста допреа преку засега непознат сторител кои ги објавил на Јутјуб каналот. Во прислушуваните разговори наводно се слуша гласот на бизнисменот Орце Камчев, кој даде поткуп во аферата „Рекет“, за негово ослободување од случајот „Империја“ на СЈО.
Пендаровски: НАТО е фактор на стабилност и ја засилува внатрешната кохезија
Во Република Северна Македонија постои фактор плус зошто е добро нашата земја да стане членка на НАТО, а го нема кај сите други нови земји членки. Сите етнички заедници го поддржуваат членството во НАТО, а тоа го покажуваат и најновите анкети кои ја мерат поддршката за наше членство, кое е над 70 проценти. Ако ги развиете по етнички заедници, анкетите покажуваат дека огромно мнозинство од сите етнички заедници поддржуваат членство во Алијансата што, преведено, значи дека НАТО е фактор на стабилност и ја засилува внатрешната кохезија, истакна претседателот Стево Пендаровски пред студентите на ФОН Универзитетот на дебатата на тема „Безбедна младина, посигурна иднина“ во рамките на НАТО-карванот како дел од активностите на проектот Инфоцентар за евроатлантски интеграции.
Колевски: Ветингот не смее да ја наруши самостојноста на јавното обвинителство
Претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски во однос на ветингот смета дека не е проблем само малиот број на обвинители, туку и тоа што на јавното обвинителство му е загарантирана самостојноста согласно Уставот и треба да се внимава тоа да не биде прекршено.
– Јавното обвинителство е самостоен државен орган и како таков тој има определена самостојност, други органи и институции не смеат да се мешаат во неговата работа, додаде тој.
Џафери: Измените на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците нема да поминат во Собранието
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат процедурална можност да поднесат предлог за измени и дополнување на Законот за употреба на јазиците, но мора да имаат предвид дека за тоа е потребно двојно мнозинство односно Бадентерово мнозинство, кое го сочинуваат немнозинските пратеници, најмногу пратеници Албанци, а за тоа кај нив нема расположение, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, изјави дека осудува какво било девијантно однесување на учениците во и надвор од училиштата. Во врска со снимките со насилно однесување на ученици кои тие ги поставиле на Инстаграм и минатата недела се раширија на социјалните мрежи, Адеми денеска рече дека за тие ученици треба да следуваат педагошки, а евентуално и казнени мерки.
Сите граѓани кои скенираат сметки до крајот на оваа недела треба да го добијат повратот на ДДВ на своите сметки, соопштуваат од Управата за јавни приходи. Ова е прва исплата од мерката на владата МојДДВ што почна во јули годинава и се однесува на периодот јули, август и септември 2019 година, а почна со исплата на 2-ри овој месец.
Премиерот Зоран Заев верува дека сите институции ќе постапат по барањата на УНЕСКО за да се заштити Охрид и порачува дека сите политичари треба да бидат одговорни по тоа прашање.
Реформи на безбедносно-разузнавачките служби, со контрола од граѓанскиот сектор. Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека се подготвува „Глува соба“ во рамки на законодавниот дом за што се одвоени финансии во Буџетот, а се предвидува дека во 2020 година собата да биде функционална.
Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) ја рангира земјава на осмото место во светски рамки по количините фрлена храна според бројот на жители. Честопати сме ставени и на листата рекордери во загуба и отпад од храна, а истовремено се соочуваме со неможност да обезбедиме доволно храна за ранливите социјални категории.
СКЕН – ПОЛИТИЧКИ ВИДЕО МАГАЗИН: КОЈ И КОЛКУ ЌЕ ДОБИЕ ОД БУЏЕТСКИОТ КОЛАЧ
Новиот Предлог – Буџет на Владата изнесува речиси 3.9 милијарди евра. Кој и колку ќе добие од буџетскиот колач и по кој основ ќе се трошат парите е тема на денешната епизода на СКЕН.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Бескомпромисно почитување на човековите права и слободи
На Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ испраќа јасна и недвосмислена порака до институциите дека човековите права и слободи се нивна прва и најголема обврска. На овој ден, како и секој друг ден во годината, повикуваме на акција и вклучување на сите граѓанки и граѓани во одбрана на човековите права и слободи во духот на солидарноста и почитувањето.
Дерала: Имаме обврска да бидеме бранител(к)и на човековите права на сите луѓе подеднакво
Фестивалот на слободата, по повод Меѓународниот ден на човековите права и 20 години ЦИВИЛ, на присутните им понуди динамична, богата, активистичка програма, со цел поттик борбата за човекови права и слободи да продолжи гласно и бескомпромисно.
МИСЛА
Кога орлите ќе слетаат на крстовите?
пишува: Сашо Орданоски
Дека Законот за употреба на јазиците е неопходен и лошо направен, тоа го знаеја сите уште дента кога се усвојуваше. Во некои членови е неспроведлив, во други е недоречен или конфузен. Поминавме низ тие детални расправи уште тогаш…
И зошто сега повторно драма, со неодмерени изјави и нервозни реакции?
Па, затоа што доаѓаат избори. А во Македонија, традиционално, нема ниту една поубава изборна тема од онаа за давање, земање, остварување, ограничување, освојување, узурпирање, гарантирање, бранење или загрозување на македонско-албанските национални права. Има една цела медиумска галерија „македонисти“ специјализирани за пригодни изборно-референдумски етно-кукумјавки. Кај Албанците, пак, секогаш кога ќе се спомнат националните права во предизборие, Артан Груби веднаш станува за некој степен погорд предводник на „Шверцерите“, а Бујар Османи експресно влегува во интелектуален националистички „овердрајв“… Избори, брате, што да се прави.
Дехран Муратов
Во соработка со: Диана Тахири, Биљана Јордановска