ВЕСТ НА ДЕНОТ
Заев: Амандманите од ВМРО-ДПМНЕ се нечесна и недржавничка порака, а од ДУИ сериозна причина за размислувања во СДСМ
„Поднесените неколку илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ на законите за Академијата на судии и јавни обвинители, за јавнообвинителската служба и за измена на Изборниот законик, испраќаат нечесна и недржавничка порака. Амандманите од владиниот коалициски партнер ДУИ, пак, се сериозна причина за размислувања кои СДСМ ќе ги отвори“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Иницијативата за една изборна единица бара повлекување на амандманите од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ
„Борбата е тешка, но ќе бидеме упорни. Имаме напредок, бидејќи кога пред два дена законите беа ставени на собранискиот дневен ред и се гласаше за потребата од Законот за една изборна единица, гласаа дури 59 пратеници, а за Законот за отворени листи на локалните и парламентарните избори гласаа 58 пратеници. Очекувано ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ гласаа против, СДСМ „за“. .. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ плашејќи се од евентуалното изгласување на законите, одлучија да ги блокираат со поднесување на 6.000 амандмани. Очигледно не сакаат да остават ништо на случајност “, изјави претседателката на ДОМ Маја Морачанин за „Слободен печат“.
Пендаровски: Македонскиот јазик е ноторен факт и е признаен во целиот свет
Македонскиот јазик е лингвистички факт децении наназад и тоа е утврдено и на меѓународно ниво, вели претседателот на државата, Стево Пендаровски, по ставот на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот. Според него, беспредметно е да се дебатира за ова прашање, бидејќи како дел од јужнословенската група на јазици е признаен во целиот свет.
Стечајците добиваат по 8.200 денари – наспроти понижувањата во времето на Груевски
Од СДСМ велат дека исправиле децениска неправда, со тоа што 12.000 стечајци добиваат по 8.200 денари до пензионирање, бидејќи секој граѓанин е важен.
„СДСМ преку конкретни и вистински мерки и реформи покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани. Времето на поделби, дискриминации и маргинализирање на граѓани заврши со заминувањео на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.
Решен е деценискиот проблем со стечајците, 12.000 стечајни работници добиваат месечен надоместок од околу 8.200 денари до нивното пензионирање.
„Инклузива“ со кампања за учество на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот
Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост започнаа кампања за учество на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот.
„Политичкото право е загарантирано право во демократските земји, без оглед дали станува збор за граѓани без попреченост или за граѓани со попреченост“, велат од здружението.
ФЛЕШ ВЕСТИ
„Адвокатот на екс-премиерот сега азилант, Никола Груевски го злоупотреби Законот за јазици“, рече министерката за правда Рената Дескоска во вчерашното издание на дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21. Целта според Дескоска, е избегнување од правдата преку одолговлекување на судските процеси
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи не е кандидат за амбасадор во Вашингтон, изјави премиерот Зоран Заев.
Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев смета дека Законот за употреба на јазиците не може да се спроведува во судските постапки и дека забелешки на Венецијанската комисија се коректни.
На скопскиот аеродром денеска со овации и возбуда беше пречекан младите генијални олимпијци. Учениците од „Песталоци“, своите другари ги пречекаа со огромен транспарент со името на училиштето.
Наградната игра МојДДВ #МојаНаграда ќе трае една година. Предвидени се 1.468 награди од по 1.000 денари, 1.101 награда од по 2.000 денари, 1.101 награда од 3.000 денари – односно секој ден ќе се доделуваат по 10 награди и тоа од 4 по 1.000 денари, 3 по 2.000 денари и 3 по 3.000 денари. Понатаму секој месец ќе се доделуваат 15 награди по 100.000 денари или вкупно за цело времетраење на играта 180 награди по 100.000 денари. Има и две главни премии од по 3.000.000 денари.
Многу често работодавачите исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите неретко исплаќаат 1000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Кежаровски: Почитувањето на човековите права го отсликува карактерот на власта
Новинарот Томислав Кежаровски на Фестивалот на слободата, зборуваше за човековите права, а воедно и го честиташе 20–иот роденден на ЦИВИЛ.
„Човековите права се основните критериуми што ја отсликуваат улогата на човекот и граѓанинот во едно општество. Тие патем се и најсилниот показател за карактерот на власта. Колку тие се поголеми, толку власта е оневозможена за нивна злоупотреба“, истакна Кежаровски.
МИСЛА
Бугарско-македонски будалаштини, без превод
пишува: САШО ОРДАНОСКИ
Нашите, балкански Академии на науки главно постојат за да ги зацврстат националните митологии за тоа кој е најстар, најпаметен, најитар, најуспешен и, воопшто, нај-нај-нај во секој поглед во регионот. Кога, пак, се работи за два народи кои имаат толку блиски култури и истории како Македонците и Бугарите, тие националистички еуфории често се повеќе политички, одошто научно фундирани.
Децениската неправда кон стечајците…
коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
На тревникот пред Собрание беа застанати, чучнати, па и легнати неколку луѓе. Лето, 2014 година. Меѓу луѓето на тревникот стоеше нашата хероина, борка за социјална правда, Лиле Стечајка, како што ја нарекувавме. Во еден миг, дојдоа неколку полицајци и побараа стечајците да си одат. Наводно, причината беше дека не се доволно бројни за да одржат протест. Беа само 17-мина.
Една полицајка неволно ја спроведуваше задачата. Се тргна на страна и тивко ми кажа дека наредбата да ги избркаат стечајците од пред Собрание тешко ѝ паѓа. И мене, ѝ одговорив, се чувствувам засегнат и погоден, јас самиот сум син на работничка што беше технолошки вишок, што во крајна линија е исто…
Дехран Муратов
Во соработка со: Биљана Јордановска, Маја Ивановска, Диана Тахири, Ангела Петровска, Сашо Орданоски и Џабир Дерала