Министерството за надворешни работи преку вршителот на работи во амбасадата во Белград упати извинување до српските власти во врска со грешката направена во АД „Пошта на Северна Македонија“, истакнувајќи дека е направен ненамерен дизајнерски пропуст за којшто веќе се преземени соодветни чекори, потврдија за МИА.
Донесени се одлуки за повлекување од употреба на спорната поштенска марка и поништување на целокупниот тираж, како и одлука за разрешување на раководителот на Бирото за филателија и одлука за разрешување на Советот за поштенски марки.
Беше пренесено и официјалното извинување од страна на АД „Пошта на Северна Македонија“ во кое се изразува жалење за ненамерната грешка и техничките пропусти при објувувањето на марката.
Министерството за надворешни работи недвосмислено и децидно отфрла каква било поврзаност со овој немил настан, изразувајќи жалење до сите засегнати страни, на граѓаните во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска.
Регионалната соработка и добрососедските односи се главниот столб на надворешната политика на Република Северна Македонија и остануваме посветени на нашите заложби за уште посилен ангажман и соработка со непосредното и поширокото соседство во исполнувањето на преостанатите обврски и реформи на патот на европската интеграција, со силен меѓусебен амалгам и во интерес на сите граѓани во регионот, велат од МНР за МИА.