„Целта на проектот е да му понуди на регионот долгорочна и одржлива економска перспектива, а со тоа и задржување на младите во самиот регион. На терен, со одредени свои димензии, тој поставува ЕУ стандарди за градење и функционирање на истите”, изјави Адеми.
Адеми го претстави „Преспа форумот за дијалог“, кој се појавува како резултат на подобрениот меѓународен имиџ на државата, по потпишаниот Преспански договор и одблокираниот евро-атлантски процес.
„Планот ни е, традиционално, секој 17 јуни, кога е потпишан е Преспанскиот договор, да организираме меѓународен форум за дијалог и соработка, на кој би поканиле што поголем број на светски и регионални државници и јавни личности. За тоа, следните месеци, по изборите, ќе ги дефинираме деталите, согласно претходната формална одлука на Владата”, рече Адеми.
Димитров нагласи дека конечната спогодба или поколоквијално – Преспанскиот договор бил нашироко поздравен и препознаен од меѓународната заедница и демократски свет и дека тоа што се чинеше невозможно и нерешливо речиси три децении, може да се надмине.
„Иницијативата на новата (постизборна) Влада да донесе формална одлука за основање на „Преспа форумот за дијалог“, кој би претставувал своевиден меѓународен форум за дијалог, соработка и решавање на меѓународни спорови кои низ призмата на историскиот успех на Преспанскиот договор, би послужил како инспирација за идните генерации при надминување на разликите и отворените прашања”, додаде Димитров.
Планирано е „Преспа форумот за дијалог“ да биде сместен во мултимедијалниот центар, кој ќе биде изграден како дел од проектот ЕУ за Преспа. Визуелниот изглед на центарот беше претставен од архитектот Ивана Белчева.