ВЕСТ НА ДЕНОТ
Опозицијата фатена како одмага во клучни моменти пред конечната одлука за почеток на преговори
ФРОНТЛАЈН.МК дознава дека видни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, користејќи ги личните контакти во сестринските партии, лобираат да се прифати позицијата на Франција, да се одложи одлуката за одредување датум за преговори за јуни 2020. Во нивните лобирања против сопствената земја ги критикувале реформите кои се спроведуваат во Македонија, искажувајќи аргументи и против реформите кои самите ги поддржаа и за кои гласаа во Парламентот, и оние кои ги кочеа.
Велика Британија и Италија го ратификуваа Протоколот за зачленување на Северна Македонија во НАТО
Националните парламенти на Италија и на Велика Британија денеска го ратификуваа Протоколот за зачленување на Рeпублика Северна Македонија во НАТО.
Информациите ги соошти на социјалните мрежи министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Остануваат уште 4 земји да го ратификуваат Протоколот за да може РС Македонија да стане рамноправна членка на НАТО.
Заев во Брисел на средби со Хан, Сасоли и Туск во Скопје
Премиерот Зоран Заев денеска и утре ќе престојува во работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел. Премиерот Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, попладне ќе остварат средба со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.
– За Република Северна Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ние го искористивме нашето време во „чекалната“ и денес сме подготвени и политички и институционално за старт на преговорите за членство во ЕУ. Ја разбираме Франција, но сметаме дека проширувањето може да оди паралелно со дебатата за новата методологија за членство во ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев.
– Очекуваме ЕУ да се врати на изворните принципи и да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување за да биде потврдена силата на привлечност за членство во ЕУ, и за да се елиминира интересот на трети страни во регионот. Ние веруваме во идејата на ЕУ, и ќе останеме посветени на тој пат“, потенцираше Заев на дебатата на тема “Северна Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, што се одржа во организација на Институтот Карл Ренер и Фондацијата Фридрих Еберт во Виена.
Димитров во Брисел на средби со европратеници: Надеж дека европските лидери ќе постигнат консензус
Целосно разбирање за нашите очекувања и европски аспирации и изразена надеж дека европските лидери сепак ќе успеат да постигнат консензус околу заслужената одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија беа изразени на средбите кои шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска во Брисел ги оствари со неколку европратеници.
Димитров денеска имаше одвоени средби со германскиот европратеник од ЕПП Михаел Галер, европратеникот од Холандија од СД Кати Пири и Дубравка Шуица, хрватска европратеничка од ЕПП.
ФЛЕШ ВЕСТИ
– Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска ги повика сите институции што се занимаваат со избори да гласаат согласно законите и принципиелно, коментирајќи ја објавената „бомба“ во која се слуша нејзиниот глас како разговара со член на Државната изборна комисија за неговиот „одлучувачки глас“ во изборите.
– Граѓанските организации од коалицијата Control Arms, предводена од Amnesty International и IANSA, чија членка од 2002 година е и ЦИВИЛ, бараат од националните влади на ЕУ да престанат со испорака на оружје во Турција.
– Медуза ја организира првата Школа за феминистичко пишување и критика, која ќе биде составена од 10 обуки, распределени низ 5 месеци, започнувајќи од 16 ноември.
Школата има за цел да ги подготви учесничките и учесниците за информирано пишување и успешно користење на социјалните медиуми и други дигитални алатки за пласирање содржини во областа на феминизмот и женските права.
– Откако неколку граѓани од општина Карпош до ЦИВИЛ Медиа се пожалија дека веќе еден месец не им издаваат социјални броеви за туѓа нега, од редакцијата стапија во контакт со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Карпош.
Од Центарот за ЦИВИЛ Медиа велат дека веќе трета недела се обидуваат да го решат проблемот.
„Еве, денеска повторно дојдоа екипите на операторот и ветија дека проблемот ќе биде решен до крајот на неделата. Не се работи за цел месец, туку за три недели, иако и тоа е навистина долг период, но проблемот не е до нас, туку до операторот“ велат од Центарот за социјална работа во Карпош.
– Судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година денеска почна одново поради истек на 90 дена од одржување на последното рочиште.
Случајот го води судијата Душко Јосифовски, а застапник на обвинението е Фатиме Фетаи.
Обвинителката Фетаи, на почетокот на денешното рочиште, со оглед на тоа, како што рече, дека постапката трае веќе повеќе од три години, побара на обвинетиот Никола Груевски кој подолго време е во бегство да му се суди во отсуство.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
До утре трае повикот на ЦИВИЛ за вториот регионален семинар за транспарентни и одговорни политички процеси
По првиот успешен семинар „Граѓански објектив: Граѓан(к)ите учествуваат, набљудуваат и известуваат“ кој се одржа во Штип, ЦИВИЛ го најавува вториот регионален семинар кој ќе се одржи на 19 октомври (сабота) во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.
Право на учество на вториот регионален семинар имаат жителите на општините во Пелагонискиот плански регион: Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци и Долнени.
ВАЖНА НАПОМЕНА: Поради огромниот интерес за учество на семинарот не е доволно само да се пријавите преку настанот објавен на Фејсбук. Доколку сте заинтересирани задолжително пополнете ја АПЛИКАЦИЈАТА ЗА УЧЕСТВО. Рокот за пријавување за учество на вториот регионален семинар завршува утре, 17 октомври (четврток) во 17 часот.
МИСЛА
Кој е тука предавник, по ѓаволите?!
Рафал: ЏАБИР ДЕРАЛА
Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се штедат во борбата против добивање датум за преговори со ЕУ. Неуспехот на Северна Македонија во овој процес ќе биде аргумент за предвремени избори, во надеж дека ќе се вратат на власт, а нивниот газда „херојски“ да си ги земе клучевите од скапиот Мерцедес назад, а не да се вози во гепек во петпарачка кола. И никогаш да не станеме Европа.
Некои се прават дека не се од тука
Од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Веста во сенка од вчера е: Висок владин функционер си даде остравка поради обвинение за мито. Значи се можело. Но тоа не секој од високите ешелони на власта. Некои уште се прават дека не се од тука.
Муса и Ременска, двајца високи државни службеници со обвиненија за мито, за корупција. Два примера за две идентични состојби. Но и два различни политички карактери. Првиот со сигнали за европски скрупули, вториот со потврда за балкански вредности…
Дехран Муратов во соработка со: Диана Тахири, Џабир Дерала, Маја Ивановска, Ангела Петровска, Биљана Јордановска