Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека новото уставно име Република Северна Македонија е реалност и дека врз основа на таа реалност моментално функционира и државата. Тој потенцираше дека името не му се допаѓа и дека ќе работи таквата реалност да ја промени, откако би дошол на власт.
За потпишувањето на свечени изјави со името Република Македонија, без придавката Северна, во одредени општините каде што се избрани градоначалници и советници од редовите на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, за што реагираше и МНР, Мицкоски изјави:
-Тоа што се случува во советите е бидејќи законот за локална самоуправа не е усогласен со уставот. Затоа изјавите се такви какви што се. Дали од тоа некој сака да направи дефокус од падот на Владата, е друга тема. Суштината е дека треба да имаме брзи парламентарни избори со оставка на Владата и да ги решаваме. Ако ме прашувате дали е реалност, па ние функционираме. Таа нова реалност ја донесе Зоран Заев, ние сме се произнеле за таа нова реалност. И новите градоначалници се произнесоа. Дали реалноста ни се допаѓа, не ни се допаѓа. Ако не се почитува таа реалност, има други последици, како Обвинителство и судство. Ќе работиме таа реалност да се промени. Таа реалност е болна и понижувачка за сите нас кои ја чувствуваме Македонија.
Прашан како би ја променил реалноста, односно би го вратил старото уставоно име, Мицкоски рече: „Ова e понижување, кога ќе седнеме на маса со нашите пријатели, ќе кажеме дека оваа реалност за граѓаните е понижувачка. И тоа е тоа“.