Собранието на Република Северна Македонија синоќа доцна, по многучасовна расправа ги изгласа новите министри предложени од премиерот Заев.
Насер Нуредини ќе раководи со Министерството за животна средина, Горан Милевски со Локална самоуправа, Садула Дураки со Политички систем, Трајан Димковски со Земјоделие и Хусни Исмаили со Култура.
Премиерот Заев изјави дека промените за реконструкција на Владата се до не повеќе осум луѓе, затоа предложиле промена на седум. Тој најави дека промените ќе продолжат и во други институции, на централно ниво, на подрачни единици, јавни институции…
„Оваа промена има за конечна цел подготовка во период кој, според мене, е драгоцен и не треба нашата земја да го пропушти и треба да се подготви со сите максимални капацитети. Таков период се случувал во сите земји кога станувале членки на НАТО или отворале поглавја за членство во ЕУ. Убеден сум дека до декември имаме огромни шанси да станеме членки на НАТО, бидејќи 20 членки веќе го ратификуваа протоколот, како и дека ќе ги отвориме поглавјата 23 и 24 за членство во ЕУ“, рече Заев.