Познатиот соработник на поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски и коорганизатор на изборните измами во кои беа вовлечени Македонците од Пустец, по 12 години власт, ја изгуби контролата врз општина Пустец, Албанија, населена со етнички Македонци.
На локалните избори одржани вчера (30 јуни), Пустец беше прва општина каде што најбрзо заврши броењето на гласовите. Таму победи Пали Колефски, кандидат на Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама, со 780 гласови повеќе од Темелко.
Новиот градоначалник на Пустец, Пали Колефски е етнички Македонец, роден во Пустец, но заедно со семејството живее во Корча. Тој досега работеше во Царинската управа на Република Албанија. На вчерашните локални избори кои ги бојкотираше најголемата опозициска партија, во Општина Пустец се натпреваруваа само двајца кандидати.
Колевски победи со 1505 гласови, а Едмонд Темелко доби само 895 гласови. Иако Демократската партија на Лулзим Баша бојкотираше, Владата на Албанија доби поддршка од САД и ЕУ за одржување на локалните избори.
Албанската опозиција доби остри критики од западните земји, а официјална поддршка доби само од Унгарија. Демократите во Албанија се осомничени и често пати јавно критикувани за соработка со руски структури инфилтрирани во земјата.
А. Зеќири











			
