Земјите од Западен Балкан се наши европски соседи и имаат европска перспектива, соопшти германската канцеларка, Ангела Меркел, по повод претстојниот самит за овој регион во рамки на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во Познањ, Полска.
„Патот сè уште е полн со камења“, посочи германската канцеларка, а пренесува „Танјуг“.
Во Познањ во петок (5 јули), ќе се одржи конференција за Западен Балкан, на која ќе присуствува и Меркел, на чија иницијатива во 2014 година беше покренат Берлинскиот процес, со цел да се подобрат можностите за дијалог и соработка меѓу земјите од регионот.
Во регионот постојат позитивни примери на дијалог, се вели во соопштението од германската канцеларка, која го истакнува решението на долгиот спор со името на нашата држава.
„Политичката храброст, на северномакедонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас, вроди со плод да се надмине тој спор“, истакна Меркел.
Таа додаде дека овој, како што рече, позитивен пример, треба да ги охрабри и другите претенденти и да ги реши проблемите во Босна и Херцеговина и меѓу Србија и Косово.











			
