Новинарот Дехран Муратов од ЦИВИЛ Медиа во интервју за Дојче веле, зборува за аудио-снимката која излезе во јавноста, каде се слуша гласот на градоначалникот на Општината Шуто Оризари, Курто Дудуш, со закани и индиции за насилство од негова страна врз едно лице.
„’Бомбата’ за градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш повеќе наликува на една обична ‘петарда’ со краткотраен ефект врз ромската заедница. Никој не пишува ниту на социјалните мрежи, ниту има нешто објавено на ромските портали и на една приватна ромска телевизија, ниту на МТВ 2, односно како да не постои таква аудиоснимка. Ромите, особено тие кои живеат во Шуто Оризари, мудро си молчат бидејќи знаат дека институциите нема да преземат ништо. Во минатото, Ромите беа сведоци кога претходниот градоначалник Елвис Бајрам на среде плоштад во Шуто Оризари пред десетици луѓе истепал еден граѓанин и за тоа воопшто не одговарал“, изјави Муратов за Дојче Веле.
Според Муратов, Ромите се плашат да проговорат за проблемите и дискриминацијата, бидејќи нема кој да застане зад нив.
„Порано имаа ‘грб’, односно имаше ромска опозиција, денес, речиси сите ромски политички партии се дел од власта“, објаснува Муратов.
Во интервјуто тој додава дека невладините ромски организации почнале да наликуваат на владини, а од донесениот Закон за заштита од дискриминација сè уште нема видливи ефекти.
ЦИВИЛ организираше дебата на тема „Кој ги тркала Ромите?“, за која зборува Муратов.
„На тој настан иако беа уредно поканети претставници на државните институции, сепак никој не дојде да ги слушне проблемите на Ромите, особено проблемите на бездомните лица. Не дојдоа ниту ромските политичари, бидејќи на таа дебата немаа столче на говорничкото место и простор да зборуваат, туку требаше да бидат во публика и да ги слушат проблемите со кои се соочува ромската заедница. Но, иако не дојдоа лично да ги слушнат проблемите, сепак пораките кои беа испратени стигнаа до нивните уши“, уверен е Муратов.
А. П.












