„Цел живот се бавам со тие, би ги нарекол егзотични поими, демократија и владеење на правото и многу е тешко кога треба некоја идеја и да ја пренесете особено не со јазик на кој вие комуницирате во својата затоврена фела во која функционирате 24/7… Може да дискутираме за говорот на омраза и тука може да зборуваме три дена ако сакаме и да презентираме статистики цел ден, а на крај да немаме фитбек. Ако објавите само една слика од пораката што сакаме да ја прикажеме и да го доловиме контекстот, да направиме структура, ќе предизвика реакција и влијанието ќе биде поголемо“, изјави Александар Јованоски од Хелсиншки комитет на дебатата „Дизајнот како глас на директната демократија“ што вчера се одржа во Музејот на современата уметност во Скопје, која е во склоп на изложбата “Votes and Voices“ во организација на Швајцарската амбасада и Музејот за дизајн и визуелна комуникација во Цирих.
За поврзаноста на дизајнот со директната демократија и во поширок контекст со политиката, во корелација со уметноста и активизмот, Александар Јованоски дискутираше со Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, Ладислав Цветковски – Факултет за ликовни уметности и Лазе Трипков – Плакарт. Дискусијата ја водеше Ана Јовковска.
„Поимот демократија се реализира таму каде што има мобилизација, а мобилизација се прави преку јасно испратена порака, таму каде што треба да ја слушнат и таму каде што треба да ја разберат и пред сè да предизвикаат емоција преку приказна. Да мобилизираш денес околу некоја акција или околу некое прашање бара многу работа“, изјави Јованоски.
Јованоски, исто така, го постави прашањето како може дизајнот и ументоста и администрацијата да се вгради во тоа како државата функционира.
„Тоа може да го видиме во начинот како државата ги мобилизира граѓаните. Само на тој начин можеме да ја препознаеме пораката, бидејќи понатаму таа порака се губи низ останатите канали на функционирање на општеството“, изјави Јованоски.
Биљана Јордановска
Фотографија: Маја Ивановска