„Многу е интересно да се видат овие ‘напредни’ демократки во Конгресот кои потекнуваат од земји чии влади се целосна и тотална катастрофа, влади кои се најлоши, со најмногу корупција и најнеспособни на светот”, наведе Трамп на Твитер.
Медиумите пренесуваат дека американскиот претседател алудирал на пратеничките Александрија Окасио-Кортез од Њујорк, Илхан Омар од Минесота и Рашида Тлаиб од Мичиген.
Трамп изјави дека овие особи дошле за да им покажат на Американците што да прават и дека претседателката на демократите Ненси Пелоси, најверојатно, би можела да им обезбеди бесплатни билети за да се вратат во своите земји по потекло.
Ненси Пелоси веднаш ги отфрлила како ксенофобични изјавите на Трамп наменети да ја поделат нацијата.
Друг демократски претставник Бен Реј Лаџан рече дека пораката на Трамп е расистичка и додаде дека демократските пратенички се американски државјанки избрани од американскиот народ.
Александрија Окасио-Кортез е по потекло од Порторико, Илхан Омар е дојдена во САД како бегалка од Сомалија, додека Рашид Тлаиб е првата Американка со палестинско потекло која влегла во Конгресот.