Премиерот Зоран Заев најави дека викендов ќе го разгледува предлогот за судбината на СЈО што денеска го предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека се е вредно за размислување.
– Ние сакаме да го осигураме обвинителниот систем на Република Северна Македонија заради тоа што огромен дел од тоа е нашето правосудство со што ќе го осигураме и нашето идно членство во Европската унија преку октомврискиот Самит, рече Заев.
Тој забележа дека сите предлози ќе бидат ставени на маса со цел навремено да се донесе консензуално законско решение за судбината на СЈО.
– Важно е да се обезбеди иднина на предметите и на СЈО, да не се влијае од страна на политичарите на правниот систем, вели Заев.
Заев потенцираше дека судбината на СЈО и водењето на грижа за правда во нашата земја е највисокиот приоритет на граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави ново решение за статусот на СЈО, при тоа барајќи обвинителите од ова обвинителство да се вратат во матичните обвинителства по завршување на мандатот. Ова е спротивно од законското решение предложено од Владата, кое предвидува овие обвинители да продолжат да работат на своите предмети.
– Не можеме да се сложиме со закон овие обвинители да бидат префрлени во новото јавно обвинителство. Сите обвинители според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се вратат во матичните обвинителства. Освен тоа потребна е детална истрага за срамниот случај Рекет, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, нејзината релација со осомничените и определени псевдоними, истрага и за директната или индиректна вмешаност на сите обвинители кои беа нејзини помошници – рече Мицкоски.
Во решението што ВМРО-ДПМНЕ го предлага, наместо веќе предложеното законско решение од Влада, се предвидува овие обвинители да можат да конкурираат на конкурс за вработување на обвинители во новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција.
Мицкоски рече дека владиното законско решение предвидува Катица Јанева да биде унапредена во републички јавен обвинител по завршување на нејзиниот мандат. Тоа, според него, е неприфатливо.
Мицкоски изјави дека предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ предвидува предметите на СЈО да ги преземе државното јавно обвинителство и понатаму да ги прераспредели.