Young Engineers, Филозофскиот факултет преку Институтот за специјална едукација и рехабилитација, како и Здружението “Во мојот свет” потпишаа Меморандум за соработка, со кој трите страни се согласуваат дека програмата Build-Up на Young Engineers со LEGO® коцки ќе може да едуцира и да се применува кај деца со попреченост.
Оваа програма започнува од октомври 2019 година и ќе се следат резултатите од практикувањето на овој пристап. Целта е да се понуди еднаква можност за сите деца да бидат дел од оваа проглрама која воедно е и инклузивна. Програмата Build Up на Young Engineers е одлична можност за интеракција со другите, децата учат за време на игра и низ забава. Програмата треба да придонесе кон поттикнување на комуникација, концентрација, логичко размислување, развој на фината мотрика, упорност, истрајност, независност, одговорност, стекнување со стратегија како децата сами да дојдат до целта, разбирање на процесите, способност за заедничка работа со врсниците, способност за вклучување во игра со правила, емоционална контрола и вештина за снаоѓање во различни ситуации.
Последната фаза од програмата предвидува соработка, што е многу важна вештина кај децата со аутистичен спектар на нарушувања. Соработката во текот на работата со лего коцки, децата подоцна ја пресликуваат и во реална средина (на детско игралиште, на училиште).
Според доц. д-р Наташа Станојковска-Трајковска од Институт за специјална едукација и рехабилитација од Филозофски Факултет, програмата Build Up на Young Engineers за деца со попреченост, а особено кај деца со аутистичен спектар на нарушување, може да биде корисна и во функција на подобрување на третманот. Лего коцките ги препознаваме како убава алатка во усвојување на социјални вештини градење и решавање проблеми. Децата најдобро учат низ игра.
Кај половина од децата има значително подобрување во вербалната или невербалната комуникација. Во делот на тестирањето беше вклучена и проф. д-р Софија Георгиевска, психолог од Институт за социјална работа и политика.












