Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети, не се присутни на собраниската дебата за една изборна единица иако, како што рече претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, покана била испратена на сите лидери на политичките партии. Поддршка на дебатата единствено дојде да даде претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ги поканивме сите тројца лидери на големите парламентарни партии, ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Бараме поддршка од сите, промените на изборниот модел треба да ги донесеме заеднички. Според нас, ова е најдобриот модел, најфер за сите, затоа и сметаме дека на сите ќе им одговара”, рече Поповска.
На дебатата покрај 12 пратеници кои се иницијатори на ова идеја, присутни беа и независните пратенички Емилија Александровска и Нола Смајловска Исени, Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, како и пратеникот Амди Бајрам. Свој претставник на дебатата испратија од Алтернатива на Африм Гаши, ПЕИ и Турската демократска партија.
Дванаесет пратеници поднесоа иницијатива за една изборна единица. Бараат и да нема изборен праг, како и отворени листи и 50 отсто застапеност на жените. Сметаат дека сегашниот модел не ја отсликува реалноста кај гласачкото тело. Свесни се дека пред избори не се менува изборен модел и дека барањето нема да им биде прифатено до претстојните избори, но бараат да важи за идните избори.
На дебатата присуствуваше и премиерот Зоран Заев, кој во изборните кампањи вети реформа на изборниот модел. Тој го поддржа ставот дека сега е вистинско време за промена на моделот и дека нема никакви законски пречки да не се случи тоа ако Собранието иницира таква промена.
„Ние се залагаме за една изборна единица, а за локалните избори да имаме отворени листи. На овој начин ќе се демократизира државата иако е јасно дека на овој начин добива демократијата, а губи партијата“, рече Заев.
Неодамна ЦИВИЛ организираше конференција „Перспективите на македонските избори“ на која учествуваа државниот врв, министри, лидери на политички партии, експерти и невладини организации. На конференцијата меѓу другото се зборуваше и за една изборна единица која ја поддржаа речиси сите учесници.
М. Ивановска