Додека светските лидери оваа недела пристигнуваа во кинескиот град Шенжен на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) со луксузни државни авиони, придружувани од бројни протоколарни делегации, претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, го привлече вниманието на светската јавност со еден сосема поинаков пристап – скромност, принцип и јасна визија дека политиката може да се води поинаку.
Шејнбаум по вокација е доктор на науки по енергетско инженерство и прва жена на чело на Мексико. Таа беше дел од меѓународниот научен тим на ОН (IPCC) кој во 2007 година ја доби Нобеловата награда за мир.
Нејзиниот настап започна уште пред да стапне на говорницата. Верна на политиката на штедење и одбивање на државните привилегии, Шејнбаум до Кина патуваше со редовен комерцијален лет, во економска класа. Повеќе од 20 часа патување со трансфер и мал тим соработници, без претседателски авион и без помпа, потегот за кратко време стана вирален на социјалните мрежи, каде што милиони луѓе го поздравија нејзиниот однос кон јавните ресурси.
Дури и нејзиниот престој во Кина беше подреден на обврските дома: таа го скрати патувањето за навреме да се врати во Мексико Сити и да присуствува на одбележувањето на Денот на револуцијата на 20 ноември, испраќајќи порака дека граѓаните и националните традиции секогаш имаат предност.
На бизнис-самитот на АПЕК, пред повеќе од илјада најмоќни бизнис-лидери и инвеститори од пацифичкиот регион, Шејнбаум го прекрши деценискиот стереотип за латиноамериканските лидери кои пред странскиот капитал ја нудат својата земја како извор на евтина работна сила и ниски даноци.
Наместо тоа, таа претстави развоен концепт втемелен врз достоинство и социјална правда:
„Нашиот модел не е копија на увезена формула. Тој се раѓа од нашата историја и нашето сопствено искуство“, порача таа, отфрлајќи ги наметнатите економски рецепти.
Осврнувајќи се на децениската теза дека прво треба да се збогатат неколкумина за потоа да има за сите, Шејнбаум нагласи дека „нема противречност меѓу економскиот раст и социјалната благосостојба – тие меѓусебно се надополнуваат и зајакнуваат“.
Пред претставниците на крупниот капитал, мексиканската претседателка јасно ја постави границата:
„Економијата треба да биде во служба на луѓето, а не луѓето во служба на економијата“, додавајќи дека развојот ја достигнува својата вистинска големина само кога значи благосостојба за сите.
Како потврда дека ваквиот пристап дава реални резултати, таа ги посочи податоците за растот на минималната плата во Мексико за 154% во реални рамки во последните осум години и извлекувањето на повеќе од 17 милиони луѓе од сиромаштија од 2018 година наваму.
Иако во Шенжен го претстави и амбициозниот инвестициски план „План Мексико“ вреден 432 милијарди долари, Шејнбаум јасно стави до знаење дека странските инвестиции се добредојдени само како партнерство за заеднички напредок, а не како експлоатација. Таа го цитираше мексиканскиот реформатор Бенито Хуарез
„Почитувањето на туѓото право е мир.“
Таа потсети дека развојот на една нација не смее да значи пад или стагнација на друга.
Во време кога политичката сцена ширум светот често се сведува на демонстрација на моќ, луксуз и популизам без суштина, настапот на Клаудија Шејнбаум покажа зошто таа ужива рекордна доверба од речиси 70% меѓу граѓаните и важи за најпопуларна лидерка во Латинска Америка.
Џ. Д.
ЦИВИЛ МЕДИА












