Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е и професорка по уставно право, од собраниската говорница прогласи дека Северна Македонија е европски рекордер во уставни измени. Но нејзиното тврдење не ја издржа ни основната проверка на фактите.
Уставниот „рекорд“ не постои. Бројките се достапни, документите се јавни, а споредбите се недвосмислени.
Опсежната анализа на Џабир Дерала, објавена на ЦИВИЛ МЕДИА на 18 ноември, врз основа на собраниските документи, истражувањето на Парламентарниот институт и европски извори, открива три клучни факти.
Прво: Уставот на Северна Македонија е менуван во осум постапки, при што се усвоени 36 амандмани. Бројот на амандмани не е исто што и бројот на постапки за уставни измени.
Второ: Дури 26 од 36 амандмани, односно 72,2 проценти, се усвоени во само две постапки – во 2001 и 2005 година, поврзани со Охридскиот рамковен договор и реформите во судството.
Трето: Европските споредби ја побиваат тезата за рекорд. Според документацијата на германскиот Бундестаг, во Германија се донесени 69 закони за измена на Основниот закон. И други европски држави бележат многубројни уставни промени, иако националните методологии на нивно евидентирање се разликуваат.
Овие податоци се достапни и во книгата на проф. д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски „Белешки за македонскиот конституционализам“, објавена од ЦИВИЛ во 2023 година, која содржи и споредбена табела на Парламентарниот институт.
Кога неточниот заклучок станува политички аргумент
Проблемот не е во бројката од 36 амандмани, која е точна. Проблемот е во заклучокот што претседателката го извлекува од неа – дека Северна Македонија е европски рекордер – и во неговото користење како аргумент против новите уставни измени.
Во анализата се оценува дека таквата употреба на статистиката ја зајакнува националистичката реторика и ја потиснува расправата за суштината на уставните промени, правата на граѓаните и европските обврски на државата.
Неточните тврдења, селективното претставување на уставната историја и користењето на статистиката за политички цели не можат да бидат основа за сериозна јавна дебата за Уставот и европската иднина на државата.
Особено кога станува збор за претседателка на државата, која воедно е и професорка по уставно право, јавноста има право да очекува прецизност, доследност и аргументи засновани на проверливи факти.
Уставниот „рекорд“ не станува факт само затоа што го изговорила претседателката. Уставниот патриотизам не може да се гради врз неточни статистички споредби. А европскиот „рекорд“ не станува факт само затоа што го изговорила претседателката.
Д. М.












