Илјадници граѓани излегоа на улиците во повеќе градови во Словачка, протестирајќи против владата на премиерот Роберт Фицо, неговата политика кон Русија и ограничувањето на демократските права и институционалните слободи.
Протестите се одржаа во вторникот, 17 ноември, на 37-годишнината од Кадифената револуција во 1989 година, со која заврши комунистичкото владеење во тогашна Чехословачка.
Најголемиот собир се одржа во главниот град Братислава, на плоштадот СНП. Според проценките на организаторите, таму се собрале околу 25.000 демонстранти. Протести имало и во други градови, меѓу кои Кошице и Банска Бистрица.
На протестот во Братислава учествуваа приврзаници на повеќе опозициски партии и граѓански организации. Меѓу нив беа Прогресивна Словачка, Христијанско-демократското движење, Слобода и солидарност, Демократите и Алијансата на Унгарците.
Демонстрантите извикуваа „Доста е од Фицо!“ и „Нема да се откажеме од нашата слобода“. Опозициските партии најавија дека нивна цел е да ја поразат владејачката коалиција на следните парламентарни избори, планирани за 2027 година.
Една од главните причини за протестите е надворешната политика на Фицо и неговите односи со рускиот претседател Владимир Путин.
Незадоволството дополнително се засили по најавите за обновување на економската соработка меѓу Словачка и Русија. Словачкиот министер за надворешни работи, Јурај Бланар, во октомври отпатува во Москва на разговори во рамки на руско-словачката меѓувладина комисија. Тоа беше прва таква посета од почетокот на руската целосна инвазија врз Украина во 2022 година.
Фицо ја поддржа иницијативата за обновување на билатералната соработка, што предизвика дополнителни реакции кај опозицијата и дел од јавноста.
Премиерот претходно ја прекина воената помош за Украина од словачките државни резерви, се спротивстави на дел од европските санкции против Русија и се противи на членството на Украина во НАТО. Неговата политика кон Москва е една од најчестите точки на судир со европските партнери.
Протестите се одржуваат и во период на зголемени политички тензии во земјата. Една недела претходно, словачкиот парламент го отфрли предлогот за измени на Кривичниот законик, што претставуваше политички удар за владината коалиција, која го загуби парламентарното мнозинство.
Критиките кон владата на Фицо се однесуваат и на обидите за поголемо влијание врз медиумите и културните институции, како и на политиките што, според критичарите, ги ограничуваат правата на ЛГБТИ-заедницата.
Словачка е членка на Европската Унија и НАТО, а политичкиот курс на Фицо и неговите односи со Москва остануваат предмет на сериозни несогласувања во земјата и пошироко во Европа.












