Српска националистичка песна со територијални претензии кон Косово беше изведена на концертна вечер со која се отвори Европскиот форум за проширување во Брисел. Скандалот предизвика остри реакции, но и го насочи вниманието кон проблем што оди подалеку од музичкиот избор. Отсуството на институционални претставници на Косово се правдаше со обидот нивната застапеност да се прикаже преку учеството на граѓанското општество.
Што се случи?
Како што објави Prishtina Insight, словенечки бенд на 15 ноември ја извел инструменталната верзија на „Ој Косово, Косово“, чии стихови тврдат дека Косово отсекогаш било српско и повикуваат тоа никогаш да не биде отстапено.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази жалење, нагласувајќи дека композицијата не го одразува ставот на Европската комисија или нејзиниот личен став. Според неа, изборот го направиле музичарите. Тоа објаснување, сепак, не ја намалува одговорноста на организаторите за програмата на важен европски настан.
„Жалам поради изборот на песната од музичарите. Таа задира во чувствителни прашања, особено имајќи ги предвид историјата и различните искуства на заедниците во Косово, особено имајќи ги предвид историјата и различните искуства на заедниците во Косово“, изјави Кос во понеделникот.
Главниот преговарач на Косово со ЕУ, Јетон Зулфај, го оцени инцидентот како скандалозен и неприфатлив, нагласувајќи дека европски настан за проширување не смее да биде сцена за српски национализам. Тој побара објаснување како дошло до изведбата, какви мерки ќе преземе комесарката и зошто не биле поканети претставници на косовските институции.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, оцени дека, без оглед дали станува збор за намера или незнаење, изведбата била спротивна на сè што претставува настанот. Естонскиот европратеник Рихо Терас, од групата на Европската народна партија (ЕПП) и известувач на Европскиот парламент за Косово, исто така побара објаснување, оценувајќи го изборот како крајно нетактичен и невкусен пропуст.
Дополнителна полемика предизвика одговорот на Кос за застапеноста на Косово. Таа ја посочи политичката аналитичарка Доника Емини, директорка на тинк-тенкот d-square, како присутна претставничка.
Емини категорично ја отфрли таквата замена на улогите. На панелот за помирување нагласи дека е горда што е од Косово, но дека е поканета и настапува како претставничка на граѓанското општество, без мандат да ги претставува државните институции.
„I am not a token“, порача Емини, спротивставувајќи се на користењето на нејзиното присуство како симболично покритие за институционалната застапеност на Косово.
Во својата интервенција, Емини изнесе и сериозна критика на европскиот пристап. Според извештајот на УБТ њуз, Емини го промени подготвеното обраќање и постави прашање дали европските институции ја разбираат политичката и историската комплексност на регионот. Појасни дека проблемот не е во српскиот јазик или музика. Според нејзините зборови, таа би поздравила албански и српски песни што промовираат соживот. Нејзиниот приговор се однесуваше на репродуцирањето националистички и ревизионистички наративи токму во институција што се претставува како мировен проект, пишува UBT News.
Историскиот контекст дополнително ја објаснува чувствителноста. Според сведоштвото на авторот Љубомир Манасијевиќ, пренесено од Prishtina Insight, песната настанала во 1989 година, по повод одбележувањето на 600-годишнината од Косовската битка, кога Слободан Милошевиќ го одржа својот познат говор кај Приштина, по кој се интензивира репресијата во Косово.
Џ. Д.












