Брисел на 16 ноември усвои нови рестриктивни мерки против руски финансиски и енергетски структури, но и против лица и организации поврзани со пропагандни операции, дезинформации и кибернапади. Со пакетот се проширува притисокот врз финансиските канали и мрежите за заобиколување на санкциите, преку кои Русија ги обезбедува приходите за војната против Украина.
Мерките опфаќаат вкупно 145 нови внесувања на санкциските листи, во рамките на две одделни одлуки. Првата се однесува на 12 физички лица и 101 правен субјект, а втората на 30 лица и две организации поврзани со информациски манипулации и злонамерни кибер-активности.
Речиси 50 руски банки и финансиски институции под санкции
Еден од главните елементи на новиот пакет е проширувањето на ограничувањата врз рускиот банкарски сектор. На листата се додадени речиси 50 руски банки и финансиски институции.
Според Советот на ЕУ, целта е да се ограничат финансиските канали преку кои се обработуваат државните приходи и се обезбедуваат средства за руските воени активности. Со ова, бројот на руски банки и финансиски институции опфатени со санкции на ЕУ дополнително се зголемува, надоврзувајќи се на повеќе од 100 претходно санкционирани субјекти.
Новите мерки го опфаќаат и рускиот сектор за електронска трговија, вклучително и сопственичките структури поврзани со големите компании Wildberries и Ozon.
Енергетскиот сектор и руската „сенчеста флота“
Дополнителните санкции се насочени и кон компании и бизнисмени активни во руската нафтена и енергетска индустрија. На мета се субјекти поврзани со истражување и производство на нафта, управување со руски рафинерии и нафтениот терминал во Санкт Петербург.
Посебен фокус е ставен врз таканаречената руска „сенчеста флота“ – мрежа од танкери и посреднички компании преку кои се транспортира руска нафта, со цел да се заобиколат меѓународните ограничувања и ценовниот плафон за руската нафта.
Санкциите опфаќаат и компании од Обединетите Арапски Емирати, Кина, Сејшелите и Оман, кои купуваат нафтени производи со руско потекло, како и лица што поседуваат или управуваат со бродови вклучени во транспортот на руска нафта.
Санкции против пропагандни мрежи и дезинформациски операции
Посебно значаен дел од новите мерки е насочен кон руските структури за странско информациско манипулирање и мешање (FIMI). Станува збор за најголемиот пакет санкции на ЕУ досега насочен конкретно кон ваквите активности.
На санкциската листа се додадени 30 лица и две организации. Меѓу нив е и московската компанија Social Design Agency (SDA), која, според Советот на ЕУ, спроведува координирани операции за манипулирање со медиумската и дигиталната средина, ширење проруска пропаганда и дезинформации.
Според образложението на Советот, компанијата е финансирана, насочувана и надгледувана од руската претседателска администрација. Нејзините операции биле насочени кон земјите членки на ЕУ, европските институции и јавната поддршка за Украина, вклучително и во контекст на изборите за Европскиот парламент во 2024 година.
На листата се најдоа и 24 лица поврзани со активностите на SDA, како и повеќе јавни личности и медиумски фигури, меѓу кои руските телевизиски лица Виталиј Елисеев и Петар Марченко, блогерот Јуриј Подољака и Чеј Боуз од RT International.
Санкции и против проруска хакерска група
Новите мерки ја опфаќаат и хакерската група NoName057(16), која се поврзува со кибернапади врз владини институции, критична инфраструктура и приватни компании во Украина, САД и земјите членки на ЕУ.
Според Советот на ЕУ, групата преземала одговорност за напади од типот DDoS, со кои се оневозможува или отежнува пристапот до интернет-страници и дигитални услуги.
Меѓу таргетираните сектори се енергетиката, финансиите, транспортот и водоснабдувањето, но и веб-страници на политички партии и кандидати во изборни процеси.
Со вклучувањето на оваа група, ЕУ ја проширува својата политика на санкции и кон кибер-активностите што ги смета за дел од пошироките хибридни закани против европските демократски институции и општества.
Замрзнување имот и забрана за патување
За физичките и правните лица опфатени со новите санкции се предвидува замрзнување на средствата и забрана за директно или индиректно обезбедување финансиски средства или економски ресурси од страна на граѓани и компании од ЕУ.
За санкционираните физички лица важи и забрана за влез и транзит низ земјите членки на Унијата.
Со новите мерки Брисел настојува да ги ограничи не само приходите што ја поддржуваат руската воена машинерија, туку и инфраструктурата, посредничките мрежи и информациските операции што придонесуваат за заобиколување на санкциите и ширење на руското влијание во Европа.
Ова е дел од пошироката политика на ЕУ за поддршка на Украина и зголемување на притисокот врз Москва, во услови на продолжување на руската воена агресија и засилени хибридни активности насочени кон европските земји.
Б. Ј.












