Естонија од 1 декември ќе ги затвори сите три патни гранични премини кон Русија, по обидот за подметнување пожар во естонската одбранбена компанија „Threod Systems“, производител на беспилотни летала. Естонските власти ја обвинуваат руската воена разузнавачка служба ГРУ дека го организирала нападот, додека Москва ги отфрла ваквите обвинувања и најавената мерка ја оцени како израз на „русофобија“.
Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна на 15 ноември соопшти дека сите гранични премини меѓу Естонија и Русија ќе бидат затворени од 1 декември. Според неговата изјава, целта на мерката е да се намалат безбедносните ризици, можностите за непријателски активности и заобиколувањето на санкциите против Русија.
„Русија мора да разбере дека непријателските дејствија против Естонија повлекуваат последици“, порача Цахкна, додавајќи дека Талин ги информирал своите партнери од Латвија, Литванија и Финска, како и претставниците на Европската Унија.
Осуммина државјани на Латвија приведени по обидот за напад
Инцидентот во компанијата „Threod Systems“ се случил во раните утрински часови на 14 ноември, во објектот на компанијата во Виимси, северно од главниот град Талин.
Според информациите на естонскиот јавен сервис ERR, осум државјани на Латвија биле приведени под сомнение дека се обиделе насилно да влезат во објектот и да предизвикаат пожар. Обидот бил спречен благодарение на интервенцијата на обезбедувањето на компанијата, а не била причинета значителна материјална штета.
Генералниот директор на естонската Служба за внатрешна безбедност (КАПО), Марго Палосон, изјавил дека контраразузнавачките сознанија упатуваат на руската воена разузнавачка служба ГРУ како организатор на нападот.
Според обвинителката Астрид Аси, обвинителството побарало притвор за петмина од осомничените. Истрагата треба да ги утврди околностите на организацијата на нападот, улогите на приведените и евентуалната поврзаност со други лица.
Москва ја оцени одлуката како „русофобија“
Најавата за затворање на границата предизвика реакција од Москва. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за државната новинска агенција ТАСС изјавила дека, доколку Естонија навистина ги реализира плановите, тоа ќе претставува уште еден пример за, како што го нарече, „агресивна и неконтролирана русофобија“.
Русија постојано ги отфрла обвинувањата на европските држави за организирање или поддршка на саботажни операции на нивна територија.
Три премини под засилени безбедносни мерки
Естонија, членка на НАТО и Европската Унија, има три патни гранични премини кон Русија: Нарва, Лухамаа и Коидула. Преку нив се одвиваат пешачкиот и товарниот сообраќај, кој веќе подолго време е предмет на ограничувања.
Според ERR, естонските власти најавиле дека граѓаните на Естонија и возачите на камиони кои се наоѓаат во Русија ќе имаат уште две недели за враќање пред затворањето на премините.
Засега не е утврдено дали затворањето ќе биде привремено или ќе остане на сила на неопределено време. Мерката е дел од пошироките безбедносни напори на Талин за ограничување на ризиците поврзани со руските хибридни активности, заштита на одбранбената инфраструктура и спречување на заобиколувањето на меѓународните санкции.
Б. Ј.












