Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со грчките разузнавачки служби и други меѓународни партнери, разоткриле криминална мрежа во Северна Македонија, поврзана со ирански државјанин осомничен за соработка со иранските безбедносно-разузнавачки структури. Пет лица се уапсени под сомнение дека учествувале во подготовка на атентат врз лице на територијата на Грција.
Според информациите објавени од АНБ на 17 ноември, истрагата започнала на почетокот на 2026 година и траела околу девет до десет месеци. Во неа учествувале македонските и грчките безбедносни служби, со поддршка од други партнерски институции.
Од АНБ информираат дека откриената мрежа била поврзана со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех, за кого постојат сознанија дека соработувал со лица поврзани со иранските безбедносни и разузнавачки служби. Агенцијата наведува и негова поврзаност со Наџи Шарифи Зиндашти, кого го опишува како нарко-бос.
Како функционирала мрежата?
Според наводите на АНБ, осомничените биле дел од криминални структури во земјава и, по директни инструкции од иранскиот државјанин, преземале подготвителни и логистички активности за извршување атентат врз лице во Грција.
Во текот на истрагата биле документирани и конспиративни средби во трети земји, вклучително и во Иран. Македонските служби наведуваат дека преку размена на информации со странските партнери биле утврдени контактите и начинот на функционирање на мрежата.
Според информациите на грчките служби пренесени од меѓународните медиуми, осомничените патувале во Иран и таму се сретнувале со лицето за кое се верува дека ги насочувало активностите. Целта на планираниот напад засега не е официјално идентификувана.
Петмина уапсени, по шестиот се трага
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, соопшти дека во рамките на операцијата биле извршени претреси на четири локации во земјава. Петмина осомничени се уапсени, додека по уште едно лице се трага.
Според информациите презентирани од надлежните, едно од лицата било уапсено во Грција на 12 ноември, а потоа екстрадирано во Северна Македонија. За четворица осомничени е определен притвор, додека едно лице е во куќен притвор.
При претресите биле одземени мобилни телефони, компјутери, лаптопи, УСБ-уреди, тефтери со контактни информации, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција. Одземените предмети се предмет на понатамошни проверки и вештачења.
Безбедносната состојба во земјава
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, изјави дека засега нема информации дека осомничената мрежа подготвувала напади врз лица или цели на територијата на Северна Македонија.
Тој оцени дека ризикот од терористички акти во земјава е низок, но најави продолжување на активностите за откривање евентуално поврзани лица и спречување потенцијални безбедносни закани.
Случајот има и поширока регионална димензија, бидејќи истрагата била спроведена во соработка со грчките разузнавачки служби и други меѓународни партнери. Според агенциите Ројтерс и Асошиејтед прес, станува збор за сомневања за подготовка на атентат во Грција, при што целта сè уште не е официјално соопштена.
Б. Ј.












