Европската комисија предложи дополнителна финансиска поддршка за Украина во износ до 45 милијарди евра за 2027 година, со цел да се покрие значителен дел од очекуваниот финансиски недостиг на земјата во услови на продолжената руска воена агресија.
Според проценките на Европската комисија, на Украина во 2027 година ќе ѝ бидат потребни околу 70 милијарди евра надворешно финансирање. Новиот европски пакет би покрил приближно две третини од овие потреби, додека преостанатиот дел се очекува да го обезбедат меѓународните партнери.
Предлогот беше усвоен од Европската комисија на 18 ноември и претставува продолжување на финансиската поддршка на ЕУ за Украина, која се соочува со огромни трошоци за одбрана, функционирање на институциите и одржување на основните јавни услуги.
Предложената финансиска помош од 45 милијарди евра е структурирана во две главни компоненти:
До 25 милијарди евра за воена поддршка – за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина, набавка и развој на воена опрема, системи за противвоздушна одбрана, беспилотни летала, ракети и муниција.
До 20 милијарди евра за буџетска поддршка – за одржување на функционирањето на државните институции и основните јавни услуги, вклучително и образованието и здравството.
Европската комисија предвидува средствата да се обезбедат преку задолжување на финансиските пазари, а заемот да биде гарантиран со буџетскиот капацитет на Европската Унија.
Еден од важните елементи на предлогот е условот Украина да го врати главниот износ на заемот дури откако ќе добие воени репарации од Русија за причинетата штета. Станува збор за заем со ограничена обврска за отплата, а ЕУ го задржува и правото да ги користи приходите од замрзнатите руски државни средства во согласност со европското и меѓународното право.
Финансиската помош нема да биде безусловна. Европската комисија предвидува буџетската поддршка да биде поврзана со исполнување на реформските обврски, особено во областите на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Овие услови се поврзани и со исполнувањето на привремените мерила во рамките на преговарачкиот процес за членство на Украина во ЕУ.
Покрај тоа, Комисијата предлага механизми за дополнително вклучување на меѓународните партнери во финансирањето на Украина. Меѓу нив е и можноста за дополнителни заеми поддржани со гаранции од трети земји, како и користење идни приходи од замрзнатите руски средства за покривање на одредени обврски.
Новите 45 милијарди евра се дополнителен предлог, надвор од веќе договорениот заем од 90 милијарди евра за периодот 2026–2027 година. Од претходниот пакет, дополнителни 45 милијарди евра се предвидени за 2027 година, со посебна распределба за буџетска поддршка и одбранбената индустрија.
Б. Ј.












