„Со новиот закон за спречување на корупција и судир на интереси се предвидува Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси да има надлежност во следење на законитоста на финансирањето на изборните кампањи, меѓутоа паралелено се предвидува можност за обврска за да се следи и финансирањето, работењето на самите политички партии“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Катица Николовска, членка на ДКСК, одговарајќи на прашањето.
Николовска потенцираше дека во моментот работат на измени во Изборниот законик со што ќе се овозможи законски обврски на политичките партии што ќе помогнат во делот на спроведување на ингеренциите на ДКСК во самиот изборен процес. Како што објасни Николовска, на тој начин ДКСК ќе овозможи на ист начин, како и 17 институции, и политичките партии да бидат должни да обезбедат пристап до трансакциските сметки што ги отвораат наменски за изборите.
„Во тој контекст ќе ги проверуваме дали донациите, финансиските средства се во рамки на дозволените лимити според Изборниот законик“, истакна Николовска.
Корупцијата, како што вели Николовска, секогаш може да се појави и тешко е таа да се спречи во целост, но интенциите се да се следат сите приливи на политичките партии и да се анализираат кои физички лица ги донираат, дали имаат капацитет да уплатат толку средства…, но за секојдневно следење на овој процес потребни се ресурси со оглед дека една партија дневно може да има многу уплати и да се остави простор за манипулации и коруптивни елементи. За жал, во моментот, ДСКСК тие можности ги нема.
„За овие избори имаме најава на проект со ИФЕС за обезбедување поддршка за да развиеме софтвер и да се обучат потребен број на лица, меѓутоа, дали ќе успееме, бидејќи времето е многу кратко. Ова ни беше план предвиден во среднорочната стратегија, но предвремените парламентарни избори се најавија многу порано од што се надевавме. Ние ќе се обидеме да се зајакнеме, колку што можеме да излеземе во пресрет на овие предизвици. Сепак, времето е многу кратко“, изјави Николовска.
Николовска, на прашањето како ЦИВИЛ може да помогне во изборното набљудување, со оглед на искуството што го има во изборните процеси, Николовска истакна за предноста што ја дава досегашната одлична соработка на ДКСК со организацијата.
„Ние и минатите избори имавме одлична соработка со ЦИВИЛ, добивавме информации и ќе се обидеме во овој период да ги зајакнеме алатките што на минатите претседателски избори беа на располагање не само на невладините организации, туку и на граѓанките и граѓаните, регистарот на службени, моторни, возила на сите институции. Тие дојави беа навистина корисни, отворивме и предмети по тие случаи, меѓутоа ќе ги зајакнеме овие алатки со цел да бидат по видливи и пореални… Исто така, беше достапна и електронската пријава за злоупотреба на буџетските средства. Јас се надевам дека со ЦИВИЛ и другите граѓански организации ќе оствариме повторно средба пред започнување на изборите и конкретно ќе се договориме и насоки ќе дадеме за слабите страни на изборните процеси што треба активно да се покријат. На пример, превозот на луѓе од една општина во друга и слично. Тука ни треба малку повеќе помош и асистенција од ЦИВИЛ, поради големиот број на набљудувачи што се насекаде…“, потенцираше Николовска.
Биљана Јордановска
Камера и фотографија: Ариан Мехмети