Претседателот Стево Пендаровски го поздрави постигнатиот договор помеѓу лидерите на политичките партии, предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули.
Истовремено, Пендаровски очекува дека изборите ќе бидат фер и демократски, како што доликува на земја членка на НАТО и земја којашто отпочнува преговори со Европската Унија.
Постигнатиот консензус за датумот за одржување на предвремените парламентарни избори, според Пендаровски е уште еден показател дека во секоја зрела демократска земја неопходен е политички дијалог преку кој се носат усогласени одлуки и одлуки исклучиво во интерес на граѓаните на нашата земја. соопштуваат од неговиот Кабинет.
Конечно договорениот датум за избори го поздрави и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, на Твитер, за кого овој чин го трасира патот кон слободни, фер и инклузивни избори што ќе бидат набљудувани од ОБСЕ/ОДИХР.
„Ги поздравуваме вестите дека изборите сега се закажани за 15 јули. Следниот Парламент и Влада се соочуваат со значителни одговорности што ќе влијаат на иднината на земјата… Се надеваме на продолжување и продлабочување на нашето партнерство“, напиша на Твитер американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Брнс.
Ваквите позитивни реакции произлегуваат од договорот што се постигна меѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ за 15 јули, датум за одржување на предвремените парламентарни избори 2020.