Неформалното феминистичко движење „Ниту една повеќе“ упати остра порака до партиските функционери, поранешните и сегашните носители на јавни функции и политичките структури, нагласувајќи дека протестите против фемицидот и насилството врз жените не смеат да се користат за партиска промоција и политички маркетинг.
Во објава на социјалните мрежи, движењето порачува дека не ги прифаќа обидите феминистичкиот отпор да се претвора во „квази-партиски декор“ за политички интереси.
„Ниту една повеќе“ им забранува на сите партиски членови, сегашни и поранешни министри и премиери, партиски хиени, политички мршојадци, институционални паразити, бескичмени бирократи, циници, лицемерни профитери, политички лешинари, неоопортунисти, кафански полтрони, професионални лажливци, морални отпадоци и дегутантни душегубци да доаѓаат на протестите и да го претвораат феминистичкиот отпор во квази-партиски декор за сопствената политичка беда.
На 25 ноември, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, „Ниту една повеќе“ организираше протестен марш во Скопје. Маршот започна пред Собранието, продолжи низ центарот на градот и заврши пред Министерството за внатрешни работи.
На протестот беа упатени шест барања до институциите, со рок за нивно исполнување до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.
Меѓу барањата се итно усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, издвојување најмалку 200 милиони денари во Буџетот за 2027 година за специјализирани услуги и поддршка на жртвите, како и утврдување индивидуална и институционална одговорност за секој случај на фемицид.
Движењето бара и објавување и усвојување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, враќање на сексуалното образование и повлекување на законските измени во образованието за кои сметаат дека ја ослабуваат заштитата од дискриминација и насилство.
Б. Ј.












