Државната изборна комисија денеска ја одржа првата прес-конференција по отпочнувањето на трите денови гласање во рамки на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Портпаролот на ДИК Адмир Шабани соопшти дека право на глас имаат еден милион 814 илјади и 263 граѓани и оти во овие три дена ќе гласаат различни категории граѓани. Денеска започна гласањето на 706 лица болни од Ковид-19 и во самоизолација, додека утре гласаат болните и немоќните чиј број изнесува 8.852, лицата во 13 Казнено-поправни установи и тоа 1.657 и шест внатрешнораселени лица. Во 17 старски домови правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.
За овие избори акредитирани се 2.508 домашни набљудувачи, и 96 странски, како и 56 преведувачи и 55 странски новинари.
Шабани истакна дека согласно Упатството на ДИК на гласачкото ливче се заокружува редниот број на подносителот.
-Согласно Изборниот законик и упатството донесено од ДИК, граѓаните своите гласачки ливчиња треба да ги одбележат со заокружување на редниот број на подносителот на листата. Напоменувам, со заокружување на редниот број на подносителот на листата, ниту еден друг знак не смее да биде ставен на гласачкото ливче бидејќи во таков случај, гласачкото ливче ќе биде сметано за неважечко, рече Шабани.
Со цел граѓаните да можат да ја известуват ДИК и да даваат свои препораки што се однесуваат на изборниот процес ДИК ќе го има активен бесплатниот телефонски број 0800-555-44 додека за комуникација со граѓаните со оштетен слух и говор ќе биде активен телефонскиот број 076488360, преку кој овие граѓани со видеоповик ќе можат да комунициираат со ДИК. За сите останати граѓани на располегање е биде веб страната на ДИК www.sec.mk, како и на социјалните мрежи на Фејсбук и Твитер и на каналот на Јутјуб.
ДИК минатата недела одржа симулацијата за безбедно гласање со примена на сите мерки и здравствени препораки, што беше организирана од страна на ДИК на избирачко место во средното училиште „Јосип Броз Тито“ истакна дека само така ќе се заштити здравјето на граѓаните.
Во симулацијата беше опфатен целиот избирачки процес во реални услови, почнувајќи од доаѓањето на граѓаните на избирачкото место, чекањето, влегувањето, дезинфекцијата, идентификација, и гласање. Беа прикажани сите здравствени мерки кои треба да ги почитуваат граѓаните, но и самите изборни органи и домашните и странскирте набљудувачи.
Симулацијата ја следеа набљудувачите на изборите, меѓу кои и ОБСЕ/ОДИХР, претставниции на Министерството за здравство, на амбасадите, како и претставници на политичките партии.
Предвремените парламентарни избори ќе ги следат новинарски екипи од петнаесеттина странски медиумски куќи.
За изборите од терен ќе известуваат 55 странски новинари кои добија акредитации од Државната изборна комисија.
Најбројна екипа од 18 новинари испраќа Ал Џезира Балкан, а свои тимови или новинари ќе имаат и Ројтерс, Франс Прес, Гласот на Америка, Асошиејтед прес, грчката националната телевизија ЕРТ, новинската агенција АНА-МПА, Њуз247, германскара АРД, Европската фото прес агенција – ЕПА, Турската радио телевизија, агенцијата Анадолија, Еуро њуз Албанија, Радио телевизија Косово, Би Би Си Србија и Ал Џезира на англиски јазик.
Повеќе странски медиуми ќе известуваат за изборите преку свои дописници во земјава.
Вчера на полноќ започна изборниот молк, кој ќе трае до 21 часот на 15 јули. Во текот на 20 дневната кампања за овие предвремни парламентарни избори, која почна на 24 јуни, партиите и коалициите имаа можност да ја претстават својата понуда пред граѓаните.
На парламентарните избори учествуваат 15 коалиции и политички партии, за кои граѓаните ќе можат да го дадат својот глас.
-За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануват сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања, нагласи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како потсетување за радиодифузерите.
Од АВМУ потсетуваат дека според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.