Одѕивот на гласачите до 15 часот е 31,78 отсто, соопштија од Државната изборна комисија попладнево на прес-конференција. Обработени се податоците од 3.435 избирачки места на кои гласале 576.576 граѓани.
Најголем одѕив има во Четвртата изборна единица каде излезноста е 35,56 отсто, а најмала и понатаму е излезноста во Шестата изборна единица – 22,85 проценти.
Портпаролот на ДИК Адмир Шабани информира дека во Првата изборна единица излезноста е 34,51, во Втората – 29,96, во Третата – 37,24, во Четвртата-35,56, во Петтата – 31,51 и во Шестата – 22,85 отсто.
Досега до ДИК, како што рече, не се доставени приговори.
Граѓанската асоцијација МОСТ досега не регистрира неправилности на гласачките места на коишто имаат нивни набљудувачи, беше истакнато на денешната прес-конференција на МОСТ.
Како што беше посочено, според податоците од ПВТ програмата, за одѕивот на гласачите по изборни единици, во ИЕ 1 до 11 часот гласале 17,62 проценти, до 12 часот 22,82, до 13 часот 27,58 отсто и до 13 часот 32,02 отсто.
Во ИЕ 2, според МОСТ, до 11 часот гласале 15,09, до 12 часот 19,79, до 13 часот 24 и до 14 часот 27,79 отсто, додека во ИЕ 3 до 11 часот 19,41, до 12 часот 24,78, до 13 часот 29,41 и до 14 часот 33,74 отсто.
Во Изборната единица 4 до 11 часот гласале 18,74, до 12 часот 24,24, до 13 часот 29,16 и до 14 часот 33,73 отсто. Во ИЕ 5 до 11 часот гласале 15,81, до 12 часот 20,49, до 13 часот 24,98 и до 14 часот 29,11 проценти.
Во Изборната единица 6 до 11 часот своето право на глас го оствариле 8,97 отсто, до 12 часот 12,72, до 13 часот 16,62 и до 14 часот 20,72 проценти.