Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, и началниците поставени од него за време на техничката Влада, ги бројат последните денови на тие функции.
Според законот за Влада и роковниците од Изборниот законик, доколку нема повторување на гласањето на некое место, до петок или најкасно до недела, на Чулев исто како и на техничките заменици министри поставени од опозицијата, им завршува мандатот.
„Заради организирање на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија на предлог на претседателот на Владата на РСМ, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на РС Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон”, стои во Член 44 од Законот за Влада.
Од друга страна роковите предвидени со Изборниот законик предвидуваат објавување на конечните резултати од ДИК до петок, доколку не се донесе одлука за прегласување на некое избирачко место. Според роковникот, до вечерва во 21:00 е рокот за жалби за изборниот процес, а до утре во 19:00 за жалбите за сумирањето на резултатите. Потоа ДИК има 72 часа рок од моментот на доставување на жалбата, да одговори на истото.
Откако ДИК ќе донесе одлука, партиите или коалициите имат 48 часа рок за одлуката да ја обжалат пред Управен суд доколку не се задоволни од одлуката на ДИК, а судот има дополнителни 48 часа да донесат одлука за истата жалба. Со ова завршуваат сите процедури предвидени со Изборен законик и ДИК на седница го утврдува и објавува резултатот од парламентарните избори одржани на 15 јули.
Откако ќе се објават резултатите им престанува мандатот на министерот Наќе Чулев и техничките заменици министри.
Арбен Зеќири












