Изборна единица 6 ги опфаќа општините Тетово, Гостивар, Јегуновце, Кичево, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Брвеница и Желино. Во изборната единица гласале 123,819 гласачи, односно излезноста изнесува 39,98%.
Според официјалните конечни резултати, објавени од Државната изборна комисија во Изборната единица 6 Коалиција ВМРО-ДПМНЕ освои 2 мандати, Коалиција „Можеме“ 4, ДУИ 7 и Алијанса за Албанците и Алтернатива освои 6 мандати и ДПА 1 мандат. Во ИЕ 6, Коалиција Можеме доби 24.229 гласови, Коалиција ВМРО-ДПМНЕ 15.663, ДУИ 37.468, Алијанса за Албанците и Алтернатива 34.450 и ДПА 9.083 гласови.
Како и во ИЕ 2, ИЕ 3 и ИЕ 1 и во извештајот за ИЕ 6 се бележат, повеќе или помалку, истите нерегуларности. Во тек е верификација и анализа на останатиот дел од пристигнатите извештаи и пријави, кои ќе бидат презентирани пред јавноста во најскоро можно време. Во обработените извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ што набљудуваа во ИЕ 6 одобрени се 46, во кои се бележи по една или повеќе нерегуларности во различни категории. Според класификацијата на настани, забележани се проблеми во следните категории:
- Проблеми со Избирачкиот список
- Нарушување на тајноста на гласањето
- Незаконито однесување на набљудувачи
- Незаконито работење на органите на Државна изборна комисија
- Незаконито однесување на гласачите/граѓаните и на набљудувачите
- Закани и притисоци
- Кршење на протоколите за заштита од коронавирусот.
Во општина Гостивар уште рано изутрината на денот на гласање, во 5 часот наутро, при делење на флаери, активисти на СДСМ (со што го прекршиле изборниот молк) биле пресретнати од активисти на ДУИ при што влегле во вербална препирка, а бил спречен и физички контакт, при што претседателот на локалната самоуправа и двајца активисти на ДУИ се приведени во полициска станица Дебреште.
Во Гостивар, исто така, но во попладневните часови имала голема раздвиженост на партиски активисти. ВМРО и СДСМ ангажирале активисти да ги земат гласачите од дома и да ги носат до местото на гласање. Во Чајле и во Балиндол во чајџилниците имало партиски активисти кои ги викаат гласачите и им го запишуваат имињата. Набљудувачот на ЦИВИЛ ова го забележал во чајџилницата во близина на избирачкото место 433 во Балиндол и 404 во Чајле.
На избирачко место 1960, ОУ „Гоце Делчев“, Тетово, член на избирачки одбор, гласно ги читал по име и презиме гласачите.
Во 2049, ПОУ “Гоце Делчев“, Брвеница, сопругот ѝ сугерирал на сопругата за кого да гласа.
Во избирачко место 1947, СОУ „Кирил Пејчиновиќ“, Тетово, за еден гласач во Избирачкиот список покрај името немало фотографија. Избирачкиот одбор не дозволил ова лице да гласа.
Во избирачко место 0758, сместено во црква, село Белица, Кичево. гласањето се одвивало во трпезаријата на црквените лица каде биле поставени камери кои се насочени кон влезот и биле вклучени.
Во 2042 село Милетино, Брвеница, набљудувач на ДУИ без овластување бил во избирачкото место. Дел од избирачкиот одбор му рекол да го напушти избирачкото место додека не му донесат овластување, но истиот член на ДУИ останал до крај беа да добие овластување.
Во избирачкото место 1924, ОУ „Истибал“, Тетово, набљудувачи на партии не носеле легитимации. Во истото избирачко место член на избирачки одбор гласал пред да се провери со УВ ламба.
Во 0392, Средно економско училиште „Гостивар“, Гостивар, не бил наместен параванот правилно и набљудувачите од политичките партии можеле да видат за кого гласаат граѓаните.
Во избирачките места 0733 и 0733/1, ОУ „Стево Штрејоски“, Кичево, имињата на гласачите се изговарале на глас.
Во 2117, ОУ „Александар Здравковски“, Јегуновце, на лице со нова издадена лична карта, не му било дозволено да гласа бидејќи го нема во Избирачки список. Гласачот бил упатен во ОИК да поднесе приговор.
Во избирачките места 2108 и 2108/1, Желино, ОУ „Луиѓ Гуракуќи“, вкупно 9 лица недостигале на Избирачкиот список
Во избирачко место 2124, Јегуновце, гласач што ден пред гласање подигнал нов лична карта не можел да гласа затоа што го немало на Избирачкиот список.
Во 1932, О.У „Наим Фрашери“ Тетово, гласач помагал на мајка му при гласање и кога ја сместил зад параванот гласно „Заокружи го бројот 9“.
Во избирачко место 0727, Дом на култура „Кочо Рацин“, избирачите се прскале со спрејот веднаш откако ќе им биде проверен прстот со УВ ламба, но пред да бидат најдени на Избирачкиот список.
Во 2120, ПОУ „Александар Здравковски“, Тетово, набљудувач на ВМРО-ДПМНЕ, времето го поминувал надвор пред кола, а не внатре во избирачкото место. Во еден момент извадил маска и ја понудил на лицето што му се приближило пречекувајќи го со зборовите: „Љупче, знаеш,14 е бројот“, а гласачот му одговорил: „Зар сум те зезнал до сега“, и влегол да гласа.
Во избирачко место 1933, ОУ „Кирил и Методиј“, Тетово, две стари лица не беа во Избирачкиот список, а тврдат дека секогаш гласале во ова избирачко место. Гледајќи дека нема да можат да гласаат, си заминуваат, без да бидат упатени како да постапат за да си го остварат правото на глас.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ