Коалицијата „Сега е време“ – Алијанса за Албанците и Алтернатива, ја прифатија поканата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети до политичките партии од албанксиот блок, предвидена за утре, 13 август, но бараат средбата да се одржи на друг датум и да се извести за дневниот ред, односно агендата на состанокот.
„Почитуван Претседател на Демократската Унија за Интеграција – По вашата покана за средба на албанските парламентарни партии, би сакале да ви одговориме дека коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива, во принцип се согласува за ваков тип средба. Сметаме дека политичкиот механизам на оваа средба е важен политички инструмент за координација на ставовите на албанските парламентарни партии, и како таков, сметаме дека треба да продолжи да се негува за артикулација на интересите на Албанците во Република Северна Македонија. Во функција на суштински и плоден состанок, би било добро поканата да содржи и дневен ред, за да имаме појасна претстава за организацијата на средбата. Во овој правец ви предлагаме да ја разгледате можноста за друг датум, од понеделник (17.08.2020), со претходно известување за дневниот ред на состанокот.“, се вели во одговорот на коалицијата Алијанса за Албанците- Алтернатива.
Поканата од Ахмети доаѓа сред преговори за формирање на новата влада по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули.
На изборите на 15 јули, коалицијата „Можеме“ освои 46 пратенички места, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1.
Д. Тахири