„Нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцината против Ковид-19“, нагласи министерот за здравство Венко Филипче, кој верува дека има можност и пред март одредена количина на вакцини да пристигне во земјава. Министерот рече дека засега имунизацијата останува еден од најсериозните инструменти за сузбивање на вирусот и оти сите вакцини се апсолутно безбедни.
Тој истакна дека освен со Бугарија, Грција и Полска, се преговара и со Австрија, а паралелно со тоа течат и разговорите со производителите на вакцини. И преку Ковакс системот се очекуваат вакцини.
„Која вакцина ќе биде прва преку Ковакс системот, за жал не знае ниту една земја која партиципира во системот. Очигледно е дека сите земји кои преку Европската комисија имаа привилегија да ги добијат први вакцините, добија многу помали количини од она што очекуваа. Затоа овој систем на солидарност којшто беше предвиден, малку се одложува. Ние сме во комуникација со сите европски држави кои ги понудија механизмите за помош и верувам дека ќе има начин и пред март вакцините да стигнат во нашата земја“, рече Филипче.
Прашан дали воопшто ќе биде потребна вакцина доколку вирусот природно исчезне, Филипче со став дека за да спласне вирусот потребно е да има имунизација со кој ќе се достигне степен на колективен имунитет од 60 до 70 проценти од населението.
„Останува да ја следиме ситуацијата и како ќе се одвиваат трендовите – дали ќе има природен пад на целата падемија. Засега нема знаци дека спласнува вирусот во насока на целосно добивање на колективен имунитет така што имунизацијата останува како еден од најсериозните инструменти со кои ќе се смени сликата“, нагласи Филипче.


„Сакам да бидам пример за сите граѓани. Сега треба сите да ги почитуваме мерките и препораките и да сме свесни дека тоа е еден од механизмите со кои нема да дозволиме ситуацијата да се влоши сега кога навистина се изборивме и имаме видливи резултати, рече Филипче“, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавањето на германска донација во поликлиниката во Шуто Оризари.
Нагласи дека во изминатиот период евидентно е намалувањето на притисокот врз болниците и на бројот на новодијагностицирани. Завчерашниот ден, како што истакна, е првиот ден кога на интерните клиники немало ниту еден нов прием на болни од Ковид.
„Сега бројките значајно се намалуваат. Значичетелно се намалуваат новодијагноцираните на ден, значително се намалува факторот на преносливост и значително се намалуваат бројот на пациенти кои треба да се хоспитализираат. Болниците ширум државата се практично полупразни. На Инфективната клиника после сериозно долг временски период има над 30 слободни кревети и на интерните клиники над 100 слободни кревети. Еден сериозно долг временски период, таа бројка на слободни кревети беше меѓу 20-30 кревети“, рече Филипче, додавајќи дека спласнува и притисокот врз центрите за тестирање.
Не ја исклучи можноста да има некој минипик и понатаму како резултат на непочитувањето на мерките. Но, како што посочи, здраствениот систем е подготвен да пресретне и следен бран.
„Ние нема да го смениме системот на реорганиација на јавно-здравствените институции додека не поминат празниците, некаде до крајот на следниот месец. Верувам дека граѓаните ќе продолжат совесни да се однесуваат и дека ќе нема криза, но подготвени сме да пресретнеме таков бран“, истакна Филипче.
текст, камера и монтажа: Дехран Муратов
фотографија: Горан Наумовски












