Малите коалициски партнери на СДСМ еден по еден се „осамостојуваат“, но најавуваат продолжување на соработката и поддршка на коалицијата „Можеме“, која го има парламентарното мнозинство. Во иднина БЕСА, ЛДП и Демократскиот сојуз, самостојно да делуваат во Собранието, а такви најави доаѓаат и од Движењето за обнова на Македонија.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, за „Слободен печат“ вели дека во стратешкото планирање на партијата е и самостоен настап на локалните избори.
– Уште минатиот мандат, тогаш со претседателката Лилјана Поповска, бевме независни пратенички, но како дел од Коалицијата предводена од СДСМ. Заедно со Мирослав Богдановски и сега сакавме да ја продолжиме истата практика. И така сме договорени со СДСМ. Но, поради состојбите поврзани со пандемијата со коронавирусот, во насока на подобра ефикасност во работата на Коалицијата, настапувањето како независни пратеници го оставивме за понатаму. Секако, остануваме дел од Коалицијата „Можеме“ – рече Морачанин.
Според политикологот Марко Трошановски од Институтот за демократија, станува збор за политички прагматичен чин на коалициски партнери кои биле проголтани од СДСМ, затоа што сите станале „невидливи“.
– Сите потврдија дека остануваат во Коалицијата „Можеме“, дека таа е стабилна и таквиот чекор во пресрет на локалните избори го направиле поради поголема видливост. Не верувам дека има криза во Коалицијата. На овој начин помалите партнери си ја креваат преговарачката цена. Ова се чисто партиски калкулации. За поголема видливост и рејтинг, надвор од Коалицијата – вели Трошановски.
За Александар Кржаловски од МЦМС, пак, ова се сигнали дека нешто не е во ред во владината коалиција и дека на некој начин помалите партии си создаваат позиции за евентуални предвремени парламентарни избори.
– Тоа што повеќе партии во исто време објавуваат самостоен настап во Собранието, укажува и на нивната проценка дека генерално, Владата не се справува добро со предизвиците. Очигледно е дека за БЕСА внесувањето на националноста во личните карти е коалициски договор што СДСМ треба да го исполни, за да ја задржи во коалицијата. За останатите можеби е тоа незадоволството од справувањето со ковид-кризата или, пак, спорот со Бугарија. Сите тие гледајќи го тенкото собраниско мнозинство, веројатно се обидуваат да „ќарат“ повеќе во рамките на коалицијата, вели Кржаловски.
Претседателот на ДС, Павле Трајанов, освен самостоен настап во Собранието, најави и формирање пратеничка група. Според него, коалициското делување е стабилно. И претседателот на ЛДП Горан Милевски смета дека со самостоен настап пратениците Боби Мојсоски и Моника Зајкова ќе можат да станат „повидливи“ и да ги реализираат партиските идеи и ставови. Четворицата пратеници на Беса самостојно дејствуваат речиси од почетокот на формирањето на парламентарното мнозинство.