Во пресрет на седницата на Владата на која ќе се расправа за актуелната состојба, текот и прогресот на активностите во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19, ЦИВИЛ ги посочува текстовите на проф. д-р Катерина Колозова и Џабир Дерала, во кои се говори за опасностите од кршење на човековите права и слободи во услови на заострени рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19.
Колозова во својот текст „Зошто Македонија сè уште оперира со полициски час од воен тип, а не curfew во услови на пандемија?“ вели „Тоа што го разликуваше полицискиот час во Македонија лани од сите останати студирани во Европа и регионот е дека за негово кршење се казнуваше кривично, а не (само) прекршочно, а казните беа (или – се, не е јасно?) неспоредливи во својата драконска димензија со остатокот на Европа: додека во Германија најстрогата казна оваа зима е 500 евра, кај нас минатата година се казнуваше со 2.500 евра или затвор. Само да појаснам, овде не мислам на строгите казни за загрозување на севкупниот систем какви што ги имаше изречено лани во Шпанија за специфични случаи, туку за обичниот прекршок да се најдеш на јавно место во време на полициски час. Според погоре цитираната студија, повторно, само Македонија е таков пример.“
Дерала во неговиот текст „Неспособноста на системот, молкот на граѓанското општество и криминалната неодговорност на популистите“ пишува „Во екот на „третиот бран“, кога се подготвуваат и се носат нови мерки, јавноста очекува од носителите на одлуките внимателно да ги следат искуствата од развиените демократии. Сега, повеќе од било кога, се очекува вклучување на застапниците на човековите права и слободи. Неопходно е властите да покренат и кампањи за јакнење на јавната свест, паралелно со „репресивниот“ дел од системот кој го заштитува јавното здравје. И подеднакво да казнуваат неодговорни и неразумни популисти меѓу политичарите, исто како и „обичните смртници“. Макар и прекршочно…“