Од сите пријавени инциденти со огнено оружје во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), онаму каде што е наведен и родот, во 98 отсто сторителите се мажи, се наведува во годишниот извештај за 2020-та на Центарот за контрола на малото и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (SEESAC).
Станува збор за вкупно 3566 регистрирани инциденти на териториите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во 2700 инциденти за кој е наведен родот, 2646 биле мажи, а само 2 отсто или 54, биле жени. Речиси една третина од инцидентите биле сторени во Косово, по што следуваат БиХ и Србија.
– Родот е наведен во 75,7 отсто од сторителите што укажува на родовата природа на злоупотреба на огненото оружје. Најголем број од сторителите, 1316, биле регистрирани во случаи на заплена на оружјето. Следуваат инциденти со криминален контекст 1008. Сторителите главно биле мажи на возраст од 19 до 35 години, а веднаш за нив се мажи на возраст од 36 до 60 години. Во 99 отсто на случаите на семејно насилство, сторителите се мажи, додека во сите 39 инциденти на насилство меѓу интимни партнери, сторителите се исклучиво мажи, изјави Бојана Балон, раководителката на Центарот.
Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу потсети дека од неодамна објавените податоци на истражувањето за безбедноста на Западен Балкан „Секјуриметар“, 47 отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат загрозено поради нелегалното поседување и злоупотреба на оружјето во нивната близина.
Центарот за контрола на малото и лесно оружје работи под мандат на РСС и на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
ЦИВИЛ како членка на Меѓународната акциона мрежа за мало оружје (International Action Network on Small Arms – IANSA) од 2002 година и на меѓународната коалиција Контрола на оружјето (Control Arms) од 2003 година, со години укажува на потребата од сериозни акции на институциите во земјата во овој домен. Собирање на нелегалното и строга контрола врз лиценцираното оружје, уништување на оружјето, едукација за надминување на култот кон оружјето, се само дел од проектите, експертизите и препораките кои ЦИВИЛ речиси 20 години ги упатува до релевантните државни институции.
ЦИВИЛ беше дел од иницијативата, поведена од Меѓународната акциона мрежа за мало оружје (International Action Network on Small Arms – IANSA) на меѓународно ниво, која предвидува прогласување датум за уништување на оружјето во сите држави во светот (9 Јули). Оружјето кое е вишок или е запленето во текот на една година, според принципите на овој Меѓународен ден за уништување на оружјето, треба да биде уништено, а не пренаменето или продадено на некоја друга држава.
ЦИВИЛ ја поздрави одлуката на Владата да го прифати овој датум и на 9 јули 2004 година изврши прво уништување на оружјето кое беше предадено во акцијата за собирање на нелегалното оружје во 2003 година.












