Собранието на Република Северна Македонија попладнето ја продолжи 47-та седница, во која се одвива расправата за ребалансот на Буџетот за 2021 година. За опозицијата, ребалансот на Буџетот не е развоен, дека се кратат капиталните расходи, а се зголемуваат материјалните трошоци. Владејачкото мнозинство пак, тврди дека тој е доказ дека власта не владее деспотски, тжтуку ги решава проблемите во услови и последици предизвикани од ковид-пандемијата.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Дејанчо Ефтимов забележа дека Владата во последните три години го зголемила долгот. „Првпат ги надминавте Мастришките критериуми. Задолжувањето во моментот е 62 отсто. Првпат јавниот долг ги надмина вкупните приходи кои ги има државата. Загрижувачки показатели, кои економистите ги толкуваат како сериозен предзнак, кои укажува дека економијата ќе се движи во негативна насока“, рече Ефтимов, кој смета дека се нереални проекциите на Владата дека растот на БДП ќе биде 4,3 отсто, а стапката на инфлација 2,1 процент.
Од друга страна, пратеникот на владејачкото мнозинство, Панчо Минов рече дека го поддржува ребалансот на Буџетот, кој, според него, соодветствува со реалната состојба во државата.
„Овој ребаланс има неколку приоритетни цели. Прво е справувањето со состојбата предизвикана од Ковид-19. За справување со пандемијата се предвидени 16,5 милијарди денари, од кои 4 милијарди се дополнителни средства од овој ребаланс. Тоа се средства наменети за целосна имунизација на населението, обезбедување вакцини, лекови и друго. Втора приоритетна цел е зголемување на капиталните инвестициски расходи, кои овде се димензионирање од 30,5 милијарди денари или зголемување од 5,6 милијарди денари. Овие средства се наменети за бескаматни кредити, за најпогодените стопански дејности од здравствено-економската криза, истакна Минов, додавајќи дека кај стопанствениците има голем интерес за користење на бескаматните кредити, и посочи дека со ребалансот на Буџетот трансферите и субвенциите се зголемуваат за 12,7 милијарди денари.
Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Владата пред два месеца не убедувала дека има пари во Буџетот, а ребалансот предвидува буџетскиот дефицит да се зголеми за речиси 200 милиони евра.
„Оваа Влада планира да потроши 4,3 милијарди евра, а во државната каса да прибере 3,6 милијарди евра. Кога го носевме Буџетот за 2021 година, предупредувавме дека Владата планира да воведе нови даноци, нови такси и поскапувања“, забележа Велјановски, кој рече дека СДСМ не знае да ја води државата.
Пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска, пак, рече дека преку ребалансот на Буџетот јасно се воочува дека оваа Влада не сака деспотски да владее, туку да ги решава нивните проблеми во услови и последици предизвикани од ковид-пандемијата.
„Во таа насока јасно се препознава континуираната грижа на Владата за спас на сечиј човечки живот, за секое работно место, за заздравување на економијата, економска стабилност и економски развој, за подобрување на живеењето на сите граѓани, за заштита на животната средина, за земјоделството. Со ребалансот на Буџетот се обезбедени плати и субвенции, притоа не изостанува и поддршката на ранливите категории. Станува збор за продуктивен ребаланс кој ги следи економските состојби“, оцени Лазаревска.
Инаку, вчера министерот за финансии Фатмир Бесими, посочи дека капиталните инвестиции главно се зголемуваат во буџетската структура и стигнуваат до 11,1 процент, за разлика од претходните девет години кога биле 9,5 проценти. Ако се споредиме со другите години, како што рече тој, реализацијата на капиталните инвестиции била околу 55, 60, 70 проценти, а оваа година се реализирани 81 процент.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.
Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.
Расправата за ребалансот на Буџетот ќе продолжи во понеделник / МИА












