Предлогот за изборен праг за независните советнички листи за локалните избори од еден посто или негово целосно бришење, којшто го најави премиерот Зоран Заев, е прифатлив и за претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ова го кажа денес лидерот на опозицијата пред новинарите за време на средбата со коалицискиот партнер Шабан Салиу и партијата Демократски сили на Ромите, при што беше најавена соработка за локалните избори.
„Вчера го слушам Заев вика ретерираат, од два проценти и се враќаат на еден, еве и тоа го прифаќаме. Еве прифаќаме и да нема проценти само нека има фер и демократски избори, да нема злоупотреби, закани, уцени“, изјави Мицкоски пред новинарите.
Според него, имало определени политички гимнастики од страна на власта и владејачките партии за отворените листи. „Помалите бараа, ВМРО-ДПМНЕ се сложи, па се предомислија, ВМРО-ДПМНЕ пак се сложи. Власта побара да се зголеми прагот на оние листи на кои им се потребни да истакнат кандидатура, ВМРО-ДПМНЕ се согласи со цел да има за фер и демократски избори. Потоа помалите коалициски партнери ретерираа и ВМРО-ДПМНЕ изрази разбирање и ставот беше нека се договорат во владината коалиција“, рече Мицкоски.