Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) очекува побарувачката на нафта годинава да порасне за 5,95 милиони барели дневно, или 6,6 проценти во споредба со пандемиската 2020 година, се вели во јулскиот извештај. Во 2022 година, потрошувачката на горива ќе порасне за 3,28 милиони барели дневно, проценуваат од ОПЕК, исто така потврдувајќи ги прогнозите од минатиот месец.
ОПЕК денеска потврди дека очекува закрепнување на побарувачката на нафта годинава и покрај ширењето на корона вирусот, признавајќи дека темпото на заздравување по пандемијата ќе биде диктирано од КОВИД-19.
„Светската економија сѐ уште закрепнува“. „Треба да се посвети посебно внимание на настаните поврзани со КОВИД -19“ истакнуваат од ОПЕК.
Прогнозата на ОПЕК е во спротивност со онаа на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која ја намали прогнозата за побарувачка за втората половина од годината поради ширењето на делта сојот од корона вирусот, пресметувајќи дека ќе биде пониска за половина милион барели дневно од проценките во јули.
Светската економија, според ОПЕК, годинава ќе порасне за 5,6 проценти, за 0,1 процентен поен посилно од претходно очекуваното, под претпоставка дека владите ќе успеат да ги сопрат ефектите од пандемијата, но со високо ниво на неизвесност.
Прогнозата за раст за 2022 година е за 0,1 процентен поен, на 4,2 проценти. „Текот на пандемијата со КОВИД -19 ќе биде главен фактор што ќе влијае врз темпото на закрепнување на краток рок, а посебен ризик е можната појава на нови варијанти на КОВИД -19 или мутации на вирусот“.












