Портпаролите на Владата Душко Арсовски и Муамед Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 103-та седница на Владата и соопштија дека сè е подготвено за отпочнување на пописните активности на терен на 5 септември.
Тие информираа дека во сите комисии на 50-те пописни реони завршија обуките на реонските инструктори и потоа и на реонските попишувачи. Во деновите до недела, кога во 8 часот утрото попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач, заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план на движење низ пописниот круг а сè со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство да не остане неопфатено.
Беше посочено дека меѓу учесниците во пописните активности владее позитивно расположение и сите со нетрпение очекуваат да отпочне оваа голема и долгоочекувана статистичка операција.
„Сигурни сме дека населението со доверба ќе ги прими попишувачите и ќе ги даде потребните податоци кои ќе овозможат подобра иднина за сите нас и за земјата во целина“, истакнаа портпаролите на Владата.