Вчера беше Меѓународниот ден на мирот. Можеше да биде кое било вчера. Или денес. Утре. За оние што живеат во војна, разликата не значи ништо.
За оние што го поминаа под бомбардирање, тоа беше уште еден ден војна. За оние што трагаат по исчезнатите блиски, уште еден ден без одговор. За оние што беа протерани од своите домови, уште еден ден во обид да преживеат некаде каде што никогаш не избрале да бидат. Минутите, дури и секундите, траат цела вечност. Завивањето на сирените за воздушна опасност го превртува желудникот, ги парализира телото и умот. Потоа доаѓаат експлозиите. Потоа очајното чекање да се дознае кој е сè уште жив.
Датумот на календарот се менува. Можеби тоа е единствената промена на која светот може да смета.
Низ Западен Балкан, каде што политичарите ја повикуваат војната секогаш кога треба да го мобилизираат стравот, мирот тешко добива внимание.
Неколку граѓански организации и училишта го одбележаа денот. Некои медиуми му отстапија простор. Во Босна и Херцеговина, резидентната координаторка на ОН, Арнхилд Спенс, објави апел насловен „Изберете мир.“ Ова само го направи молкот повидлив.
Каде беа претседателите и премиерите да го постават мирот како јавен приоритет? Каде беа нивните заложби да се спротивстават на омразата, да го одбранат човечкото достоинство и да ја запрат рехабилитацијата на воените злосторници?
Регион што сè уште живее со последиците од војната би требало да понуди повеќе отколку да им го препушти мирот на грст наставници, активисти, колумнисти и меѓународни претставници. А и тие беа малкумина. Мирот не доби многу простор вчера. Било кое вчера.
Молкот се „слушна“ и пошироко, надвор од Балканот. На официјалните претседателски и владини канали што ги проверив, не најдов некои посебни обраќања посветени на Денот на мирот. Можеби некоја објава на социјалните мрежи ми се провлекла при пребарувањето. Но за да се открие политички став посветен на мирот, не би требало да биде потребна археолошка експедиција. Нели?
Порака по повод одбележувањето тешко дека ќе го сменеше светот. Но пропустот мирот да се постави како сериозно прашање во јавноста, ги разоткрива приоритетите и на политичарите и на општеството… и нивното разбирање на стварноста. Да се избере молк во ваков свет значи дека нешто се скршило длабоко во душата на цивилизацијата.
Секогаш има место за уште едно партиско обвинување, уште една фотографија на функционер, уште една најава за постигнувања за кои доказите, изгледа, ќе пристигнат подоцна. Или никогаш. Мирот, се чини, мора да се натпреварува за малку простор во ќошињата на јавниот дискурс.
А и кога ќе го добие тој простор, пречесто е лишен од сè што го прави политички неудобен – одговорност, сторители, окупација, правда.
Мирот е добредојден како чувство. Станува неудобен како барање.
На 21 септември, рускиот терор врз Украина продолжи. Ден 1.671 од целосната инвазија, по осум години агресија. Во Запорижја беа погодени домови, универзитет и трговски центар. Денот на мирот не понуди заштита од руските дронови. Ранетите и натаму мораа да се спасуваат. Урнатините да се расчистуваат. Секојдневниот живот продолжува под смртоносни напади.
Од Украинците сè уште се очекува трпеливо да слушаат кога нивното предавање се претставува како придонес кон мирот. Од нив се бара да бидат реални. Да прифатат загуби. Да ги разберат границите на туѓото внимание, буџети и политичка храброст.
Барањата на агресорот стануваат преговарачки позиции. Правата на жртвата стануваат пречки за договор. Тотално морално изопачување.
А што е мирот во денешниот свет?
Поддршката за суверенитетот, слободата и правото на Украина да се брани е суштинска заложба за мир. Наградувањето за сегашните агресии му покажува на секој иден агресор што може да купи со насилство. Да се бара од луѓето да ја предадат својата слобода за другите да си го вратат спокојството е напуштање и предавство.
Мирот бара слобода, правда и одговорност. Тоа значи живот без страв, отпор кон угнетувањето и изведување на воените злосторници пред лицето на правдата.
Свет што ги наградува агресорите, ги замолчува жртвите и тргува со вистината е свет што се подготвува за следната војна.
Во меѓувреме, Русија го задржува своето постојано место и правото на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации. Држава што води агресорска војна има привилегирана положба во институцијата задолжена за одржување на меѓународниот мир.
Замислете како изгледа тоа од под урнатините.
Апсурдот е институционализиран, но нејзините последици се длабоко човечки. Меѓународниот поредок го изгуби кредибилитетот, отстапувајќи им место на силите што се засолнуваат од принципите на кои се повикуваат против другите.
Посветеноста на човечкото достоинство толку пригодно запира на границите на политичката лојалност!
Палестинците во Газа и на Западниот Брег не заслужуваат помалку слобода, безбедност и правда затоа што нивното страдање ги усложнува сојузништвата или ги нарушува посакуваните наративи. Раселувањето, уривањето домови, нападите од доселениците и ограничувањата на пристапот продолжуваат. Зад секој бирократски термин се крие човечко искуство, изгубен дом, уништена егзистенција, страв на едно семејство.
Животите на цивилите имаат еднаква вредност, велиме. Безбедноста не може да биде неограничена дозвола за нанесување страдање. Претрпената неправда во минатото никого не го ослободува од одговорност за страдањето што го нанесува денес.
Принципи изрецитирани толку течно. Применувани толку селективно.
Во војните и конфликтите низ светот, жртвите и понатаму го трпат она што ние останатите сè повеќе го консумираме како попатна информација. Нивното страдање ни стана познато. Потоа, сето тоа станува изговор да го свртиме погледот. Да се умориме. Да се изнервираме. Дури и да ни стане здодевно.
Застрашувачки е колку лесно учиме да живееме со туѓата трагедија.
На Балканот, воените злосторници се слават како херои, а негирањето на геноцидот поминува како политичко мислење (слобода на говор). Од преживеаните се очекува да се помират со општества што сè уште им аплаудираат на нивните мачители.
И така… Мирот исчезнува долго пред да биде испукан првиот куршум.
Исчезнува кога пропагандата ги претвора соседите во непријатели. Кога институциите стануваат партиска сопственост. Кога им се закануваат на новинарите, уметниците и интелектуалците, а бранителите на човековите права ги жигосуваат како предавници. Кога дискриминацијата станува здрав разум, а суровоста доказ за политичка сила.
Крајната десница напредува, а од нас се бара да ја сметаме за уште една минлива фаза. Гневни гласачи. Легитимни фрустрации. Демократијата фаќа уште една кривина. Колку утешно!
Ветувањето е познато… Вашето достоинство бара туѓо понижување. Вашата безбедност бара некој друг да биде исклучен, протеран или елиминиран. Силен лидер ќе се погрижи за тоа. Се разбира, мора да биде ослободен од неудобноста да одговара за своите постапки. Прво, направете суровоста да изгледа разумна. Оправдувањето за насилството ќе следи набрзо.
Темата на ОН, „Инвестирајте во мир: За сите, насекаде, секој ден“, нуди едноставен тест. „За сите“ не значи ништо ако избираме кои цивили заслужуваат сочувство. „Насекаде“ не значи ништо ако запира на границите на нашите интереси.
А „секој ден“ е на испит денеска, 22 септември 2026 година, на 1.672. ден од руската целосна инвазија. Децата во Газа и низ Африка сè уште се соочуваат со глад и смрт. Денеска.
И ќе биде на испит утре. Календарот ќе продолжи понатаму. Бројот на загинатите ќе расте. Додека го читате ова, нечиј свет завршува.
Секој ден на страдање остава зад себе утре што не може да му избега. Политичкиот и медиумскиот молк не можат да го избришат она што се случило. Ниту пропагандата. Нерасветленото убиство и натаму е убиство.
Календарот продолжи понатаму. Жртвите го немаат тој луксуз.