Руските напади врз цивилни објекти во Украина продолжија и вечерва. Во Кременчук, во Полтавската област, дронови погодија станбена зграда и хотел, предизвикувајќи пожари на двете места. Според регионалните власти, 16-годишно момче е хоспитализирано со тешки повреди, а спасувачите извлекле 15 луѓе.
Во Кијив, во 19:21 часот по средноевропско време, беше прогласена воздушна тревога поради опасност од дронови. До 21:00 часот немаше потврда за нов масовен ракетен напад.
Три удари врз спасувачите во Комишуваха
Во Комишуваха, во Запоришката област, руските сили трипати ги нападнаа спасувачките екипи со дронови, соопшти украинската Државна служба за вонредни ситуации. При вториот удар било погодено возило на службата и бил повреден возачот. Околу еден час подоцна, додека екипите го извлекувале оштетеното возило, третиот удар повредил уште еден спасувач. Двајцата се хоспитализирани.
Екипите седми ден ги пребаруваат урнатините на училиштето во кое се делела хуманитарна помош. Во бомбардирањето на 2 ноември загинаа 55 лица. Според регионалните власти, идентификувани се 29 жртви. Како исчезнати се водат 45 лица, а дел од нив може да се меѓу сè уште неидентификуваните загинати.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во попладневната објава на X напиша:
„рф ја нападна Комишуваха со дрон, каде што 7 ден траат спасувачките операции по нападот во кој загинаа 55 лица. Под урнатините сè уште може да има луѓе. Против апсолутниот цинизам и бесмислената суровост на рф, санкциите мора да бидат усогласени во Европа и во јурисдикциите на G7“
рф ја нападна Комишуваха со дрон, каде што 7 ден траат спасувачките операции по нападот во кој загинаа 55 лица. Под урнатините сè уште може да има луѓе. Против апсолутниот цинизам и бесмислената суровост на рф, санкциите мора да бидат усогласени во Европа и во јурисдикциите на G7 https://t.co/wIrbwrPCEo
— Larysa Dir (@dir_larysa) November 8, 2026
Ноќен напад со три ракети и 164 дронови
Според украинските Воздухопловни сили, Русија во ноќта кон 8 ноември употребила три наведувани ракети и 164 дронови. До 08:00 часот по украинско време, противвоздушната одбрана соборила или потиснала 137 дронови. Регистрирани се погодоци на 23 локации. Во Одеса загина едно лице.
Во текот на денот, во руските удари во Днипропетровската област загинаа две лица, а седум се повредени. Во Харкив се повредени две лица, а градските власти пријавија девет удари со дронови на шест локации. Украинското Министерство за енергетика пријави нови прекини на струјата во шест области по ударите врз енергетски објекти.
На фронтот, украинскиот Генералштаб во утринскиот извештај наведе 199 борбени судири во претходното деноноќие, со 23 руски напади на Костјантинивскиот правец.
ЦМ Деск












