Франција се соочи со нов бран масовни протести и штрајкови на 5 ноември, кога стотици илјади работници, студенти, средношколци и пензионери излегоа на улиците барајќи повисоки плати, подобар животен стандард и зачувување на јавните услуги. Според Министерството за внатрешни работи, во протестите учествувале 575.000 луѓе, додека синдикатот CGT процени дека бројот достигнал 1,57 милиони. Демонстрациите беа проследени со судири со полицијата и инциденти во неколку градови, а штрајкот ги наруши јавниот превоз, образованието и работата на дел од енергетскиот сектор.
Масовна мобилизација и барања за повисоки плати
Протестите беа организирани во рамки на синдикалната мобилизација на 5 ноември, со учество на пет големи синдикални организации: CGT, CFDT, Force Ouvrière (FO), Unsa и FSU. Во протестното движење се приклучија и студентски и средношколски организации, како и други групи кои ги изразуваат незадоволството од економската состојба и животните трошоци.
Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, во 193 протестни активности низ Франција учествувале 575.000 лица, од кои 65.000 во Париз. CGT објави значително повисока проценка – 1.573.000 учесници, меѓу кои 350.000 во француската престолнина.
Разликите во проценките се значителни, но двата извора потврдуваат широка мобилизација во земјата.
Главните барања се зголемување на платите и пензиите, подобрување на куповната моќ, поголема даночна правичност, заштита на работните места и инвестиции во јавните услуги, особено во образованието и здравството.
Лидерката на CFDT, Маријлис Леон, побара зголемување на минималната плата за 100 евра нето месечно. CGT, предводен од Софи Бине, бара зголемување на минималната плата за 10 проценти и усогласување на платите со растот на цените.
Синдикатите предупредуваат дека растечките трошоци за живот, стагнацијата на платите и најавите за отпуштања во повеќе сектори ја продлабочуваат социјалната несигурност.
Француската минимална плата од 1 јуни 2026 година изнесува 12,31 евро бруто на час, односно 1.867,02 евра бруто месечно за работна недела од 35 часа.
Инциденти и полициски интервенции
Иако поголемиот дел од протестните поворки поминаа мирно, во неколку градови беа регистрирани судири и насилни инциденти.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека биле распоредени околу 70.000 припадници на безбедносните сили. Во Париз и Лион полицијата употреби солзавец при интервенции против групи демонстранти, а во Тулуз дојде до сериозни тензии поврзани со маршрутата на протестниот марш и интервенциите на полицијата.
Инциденти беа регистрирани и во други градови, меѓу кои Рен, Марсеј, Нант, Бордо и Стразбур. Во повеќе случаи биле фрлани предмети и пиротехнички средства кон полициските сили. Во Стразбур беше запалена фигура на полициски службеник, што предизвика реакција од властите.
Според привремениот биланс објавен од Министерството за внатрешни работи, до 18 часот биле уапсени 448 лица, а 53 припадници на полицијата и жандармеријата биле повредени.
Во Тулуз, за време на инциденти поврзани со блокадите на училишта, пиротехнички средства предизвикале пожар во училишен простор, при што била причинета материјална штета. Министерството соопшти и за други случаи на оштетување на училишни објекти и интервенции на полицијата во текот на денот.
Штрајкот имаше последици и врз секојдневното функционирање на земјата. Ајфеловата кула беше затворена за посетители, дел од јавниот превоз и енергетското производство беа нарушени, а протестите и блокадите влијаеја врз работата на образовните установи. Околу една третина од средните училишта биле блокирани или затворени, додека штрајкувале нешто повеќе од 15 проценти од наставниците.
Владата најави социјална конференција, протестите добиваат политичка димензија
По масовната мобилизација, францускиот премиер Себастијан Лекорни најави дека на 9 ноември во Матјон ќе организира социјална конференција со претставници на синдикатите и работодавачите. Целта е да се разговара за мерки поврзани со куповната моќ и зголемувањето на платите.
Синдикатите ја поздравија најавата, но порачаа дека очекуваат конкретни одговори на нивните барања. Во заедничката изјава објавена на 6 ноември, осум синдикални организации порачаа дека мобилизацијата нема да запре без одговор на барањата на работниците, јавните службеници, младите и пензионерите.
Протестите имаат и поширока политичка тежина, во период кога Франција се приближува кон претседателските избори во 2027 година. Првиот круг е закажан за 18 април, а вториот за 2 мај. Актуелниот претседател Емануел Макрон не може да се кандидира за трет последователен мандат.
Во протестите во Париз учествуваа и политички претставници, меѓу кои лидерот на радикалната левица Жан-Лик Меланшон и претставникот на умерената левица Рафаел Глуксман. Протестите така се одвиваат во поширок контекст на политичко престројување и засилена дебата за идниот правец на Франција.
Б. Јордановска
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












