Европскиот воздушен сообраќај беше соочен со серија безбедносни инциденти во периодот од 2 до 5 ноември 2026 година, кога повеќе авиокомпании и аеродроми добија дојави за наводно поставени експлозивни направи во патнички авиони.
Според податоците објавени од Travel Weekly, најмалку 33 летови биле погодени во текот на неделата. „Гардијан“ известува за најмалку 34 нарушени летови, додека во извештаите за 5 ноември се наведуваат околу 20 до 25 погодени летови, зависно од времето на известување и евидентираните случаи.
Инцидентите биле пријавени во Италија, Ирска, Обединетото Кралство, Шпанија, Бугарија, Романија, Полска, Финска, Австрија, Данска, Белгија, Португалија, Франција, Грција, Србија и Чешка.
Меѓу авиокомпаниите чии летови биле погодени се Рајанер, Визер, Ер Лингус, Финер, Иџијан, Иберија, ЛОТ, Изиџет и Ер Србија.
Не сите дојави довеле до пренасочување на летовите. Повеќето авиони слетале на планираните дестинации, по што биле спроведени безбедносни проверки. Дел од летовите биле пренасочени, а најмалку пет добиле придружба од воени авиони.
Меѓу позначајните случаи на 5 ноември беше летот на Ер Лингус од Даблин кон Рим, кој поради закана беше пренасочен кон воената база Еврe во Франција. Авионот превезувал 151 патник и шест членови на екипажот. Француските власти испратиле борбени авиони за пресретнување и придружба на леталото.
Три авиони на Рајанер што летале кон Софија од Мадрид, Копенхаген и Лондон биле придружувани од бугарските воздухопловни сили. Летот од Лондон бил пренасочен кон Пловдив. Авион на Визер од Милано кон Варшава бил пренасочен кон Виена.
Во неколку други случаи, вклучително и летовите кон Прага, Букурешт и Брисел, авионите слетале безбедно, по што биле извршени дополнителни проверки.
Потписот на „Машка држава“ и непознатото потекло на заканите
Особено внимание привлекоа електронските пораки испратени до аеродромските власти во Софија и Рим. Во нив се тврдело дека во три авиони на Рајанер кон Бугарија, односно во два лета кон Рим, имало поставени експлозивни направи.
Пораките содржеле заканувачки и мизогинистички формулации, а испраќачите се претставиле како „борци на Машката држава“ (Male State). Во нив се упатувале закани против наводен „феминистички режим“, со предупредување дека ќе има експлозии.
„Машка држава“ е руско ултрадесничарско и екстремистичко движење основано од Владислав Поздњаков. Организацијата беше забранета со одлука на руски суд во 2021 година, но нејзини следбеници продолжиле да дејствуваат и преку интернет-платформи.
Сепак, потписот на пораките не е доказ дека организацијата навистина стои зад заканите. Агенцијата АФП наведува дека не можела независно да ја потврди поврзаноста на движењето со испратените пораки.
Во јавноста се појавија и сомнежи за можни хибридни активности, особено по претходните безбедносни инциденти во Европа. Но, според Ројтерс, засега нема јавни докази што ги поврзуваат дојавите со конкретна држава или организација, вклучително и Русија или Иран.
Европските институции и авиокомпаниите повикуваат на истрага
Европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, изјави дека е прерано да се донесат заклучоци дали сите пријавени инциденти се поврзани. Тој нагласи дека секоја закана насочена кон цивили е неприфатлива и побара националните власти тесно да соработуваат со аеродромите, авиокомпаниите и безбедносните служби.
Европската комисија активирала и механизам за размена на информации на европско ниво во врска со воздухопловната безбедност.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) ги осуди обидите за нарушување на воздушниот сообраќај. Вишиот потпретседател на организацијата за операции, безбедност и заштита, Ник Карин, порача дека безбедноста е највисок приоритет за воздухопловната индустрија и дека сите закани се третираат сериозно.
Европските власти продолжуваат со истрагите за утврдување на потеклото на пораките и евентуалната поврзаност меѓу инцидентите. Засега, клучното прашање останува неразјаснето: кој ги испраќа заканите и дали станува збор за координирана кампања или за повеќе одделни случаи.
Б. Ј.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












