Бројот на загинатите во рускиот напад од 2 ноември врз училиштето и засолништето во Комишуваха порасна на 40, соопшти претседателот Володимир Зеленски. Под урнатините можеби сè уште има повеќе од 30 лица. Дел од телата не се идентификувани, а спасувачката операција продолжува трет ден, под постојана опасност од нови напади.
Училиштето било користено за распределба на хуманитарна помош. По првиот удар, руските сили повторно нападнале, погодувајќи ги и луѓето што се засолниле, како и спасувачите и полицајците што пристигнале да помогнат.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X порача:
„Комишуваха. Школо. Луѓе чекаат за медицинска и хуманитарна помош. рф фрла 9 бомби. 40 загинати. Под урнатините сè уште има луѓе. Спасувачката операција продолжува под закана од нови руски ракетни напади.
Кој може—нека обезбеди ПВО.
Кој има глас—нека ги осуди злосторствата на рф.“
Зеленски оцени дека меѓународната реакција на нападот е премала и побара итна поддршка за украинската противвоздушна одбрана. Во Запоришката област, 3, 4 и 5 ноември се прогласени за денови на жалост.
Во ноќта кон 4 ноември, Русија ја нападна Украина со 310 дронови, меѓу кои 81 „Шахед“ со млазен погон. Според украинските Воздухопловни сили, до 08:00 часот биле соборени или потиснати 272 летала. Регистрирани се погодоци на 19 локации и паднати остатоци на уште 15. Во моментот на утринскиот извештај нападот продолжувал.
Во Одеса избувнал пожар во трговски центар, а во Ривне е повредено едно лице, известува Асошиејтед прес.
Во Кијив продолжи справувањето со последиците од ударите врз енергетиката. Прекините на струјата го нарушија и водоснабдувањето. Градското претпријатие „Кијивводоканал“ во 13:50 часот по украинско време соопшти дека водоснабдувањето е целосно обновено и пумпните станици работат нормално.
На фронтот, украинскиот Генералштаб регистрира 208 борбени судири во текот на 3 ноември. На Костјантинивскиот правец биле пријавени 24 руски напади, а на Покровскиот 15. Според истиот извештај, руската авијација употребила 242 наведувани авиобомби.
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА












