Авионот на „Ер Србија“ на летот JU134, кој вечерва, 3 ноември, полета од Белград кон Москва, ненадејно го смени курсот и се врати на аеродромот „Никола Тесла“. Според Nova.rs, во авионот наводно биле тројца влијателни функционери поврзани со досегашната власт и со Москва: Александар Вулин, Душан Бајатовиќ и Ненад Поповиќ.
Летот започнал во 18:48 часот, а авионот стигнал до јужниот дел на Литванија пред да добие наредба за враќање. Податоците од Flightradar24 го потврдуваат пренасочувањето, додека N1 објави дека авионот слетал во Белград непосредно пред 22 часот.
Безбедносен пропуст или нешто повеќе?
Во дополнителен извештај објавен во 22 часот, Nova.rs открива нови детали. Според неофицијалните сознанија на порталот, Александар Вулин се качил во авионот без да ја помине задолжителната безбедносна проверка, наводно со нечија помош.
Директорот за корпоративна безбедност на аеродромот, Милан Куч, според истиот извор, од снимките од безбедносните камери утврдил дека процедурите биле прекршени и наредил авионот да биде вратен.
Порталот наведува дека летот требало да продолжи по детален преглед на авионот и со заменет екипаж.
Сепак, овие информации сè уште немаат официјална потврда. N1 побарал објаснување од „Ер Србија“, белградскиот аеродром и Директоратот за цивилно воздухопловство, но до објавувањето на извештајот не добил одговор. Вулин и Бајатовиќ биле недостапни за коментар.
Кој патувал за Москва?
Александар Вулин е поранешен директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА), поранешен министер за внатрешни работи и одбрана и претседател на Движењето на социјалистите. Од 2025 година е претседател на Надзорниот одбор на „Србијагас“.
Душан Бајатовиќ е долгогодишен директор на „Србијагас“ и влијателен функционер на Социјалистичката партија на Србија, со значајна улога во енергетските односи со Русија.
Ненад Поповиќ е претседател на Српската народна партија, министер без ресор во досегашната влада и долгогодишен политички и деловен партнер на руските структури.
Вулин и Поповиќ се на американски санкциски листи од 2023 година. Американското Министерство за финансии го санкционираше Вулин поради корупција и активности што, според американските власти, го олеснуваат штетното руско влијание во регионот. Поповиќ беше санкциониран поради неговите деловни активности во Русија.
Тројцата функционери имаат и уште една заедничка карактеристика: во изминатите години добиле руски државни или институционални одликувања.
Според црногорскиот Portal ETV, Вулин и Поповиќ го најавиле патувањето како консултации поврзани со „Србијагас“ и српско-руската меѓувладина соработка. Ни ова објаснување не е официјално потврдено.
Србија меѓу две власти
Уште попладнето, претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, на платформата X постави провокативно прашање: „А кој бега вечерва за Москва со летот во 18:30 часот?“
Овој настан има посебна политичка тежина по изборите на 25 октомври, кога Студентската листа ја победи коалицијата на Александар Вучиќ и ја прекина 14-годишната политичка доминација на Српската напредна странка.
Како што анализираше ЦИВИЛ МЕДИА, Србија се наоѓа во чувствителен период меѓу изборниот пораз на досегашната власт и формирањето на новата влада. Во меѓувреме, сè поактуелни стануваат прашањата за корупцијата, злоупотребите и одговорноста на функционерите што со години управувале со институциите. Аферата „Алта банка“ е еден од највпечатливите примери за потресите во политичко-финансиските структури, со регионални последици што се чувствуваат и во Северна Македонија. Одземањето на лиценцата, стечајот и истрагата за стотици милиони евра отвораат сериозни прашања за политичката заштита, сомнителните финансиски текови и институционалната одговорност. Аферата има и руска димензија. Радио Слободна Европа документираше дека банката била значаен финансиски канал за илјадници руски компании во Србија, додека сомнежите за спорни трансфери кон Москва допрва треба да добијат конкретни одговори.
Во такви околности, секое ненадејно патување на високи функционери кон Москва неизбежно предизвикува сомнеж.
Љубомир Костовски, Џабир Дерала
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












