Стопанскиот суд во Белград на 3 ноември отвори стечај над Алта банка, а Агенцијата за осигурување на депозити е назначена за стечаен управник. Според официјалното соопштение, Банка Поштанска штедионица ќе ги исплаќа осигурените депозити до 50.000 евра. Почетокот на исплатата и списокот на експозитури треба да бидат објавени најдоцна до 6 ноември.
Српската централна банка на 2 ноември ѝ ја одзеде и дозволата за електронски пари и платежни услуги на АЛТА ГРУП, дополнително проширувајќи ги последиците од колапсот на финансиската групација.
Српското Обвинителство за организиран криминал ги истражува Мацура и уште две лица поради сомневања за незаконско извлекување околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра. Меѓутоа, Форбс Србија објави оценки на банкарски експерти кои ја доведуваат во прашање можноста толкава сума физички да се чува и извлече од трезор. Тие бараат прецизно објаснување за природата на спорните средства.
Во Северна Македонија, Алта банка Битола е под тримесечна привремена администрација, со тројца назначени администратори и ограничување на одливните трансакции на физичките лица до 10.000 денари неделно, со определени исклучоци. За компаниите важат дополнителни ограничувања.
Народната банка тврди дека битолската банка е ликвидна и високо капитализирана. Таа не е во стечај, но неизвесноста за клиентите продолжува.
ЦИВИЛ МЕДИА интензивно ја следи аферата, надоврзувајќи се на повеќе од една година истражувања на редакцијата, особено со анализите на Љубомир Костовски за политичко-деловната експанзија на групацијата на Мацура.
Уште на 29 октомври, пред одземањето на лиценцата, ЦИВИЛ МЕДИА ги отвори прашањата за сомнителните прекугранични трансфери. Во анализата од 31 октомври и последователните извештаи беа истражени политичките врски, улогата на јавните претпријатија и институционалната одговорност. Денешното известување за Алта банк Битола ги документира конкретните ограничувања за граѓаните и компаниите.
Сомнежите за трансфери кон Скопје и Москва остануваат предмет на проверка. Клучните прашања остануваат неодговорени. Кој ги контролирал финансиските текови, што знаеле надлежните институции и дали навремено реагирале за да ги заштитат парите на граѓаните и јавните претпријатија?
Џ. Д.
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












