Професорот Оливер Андонов во објава на Фејсбук упати остра критика до Христијан Мицкоски, поврзувајќи ја неговата реакција по изборниот пораз во Брвеница со етничкото затворање на ВМРО-ДПМНЕ и со ветувањата што, според него, останале неисполнети.
Андонов наведува дека уште во декември 2017 година, по конгресот во Валандово, му предложил на Мицкоски да ја демократизира партијата и да ја отвори за граѓаните од албанската и од другите етнички заедници. Неговата идеја, како што објаснува, била ВМРО-ДПМНЕ да се изгради како десноцентристичка партија со организациско присуство и во општините во кои Македонците не се мнозинство.
Според неговото сведоштво, одговорот на Мицкоски бил: „Сега не е време“.
„А немаше подобро време од она кога си во опозиција за потполна реорганизација на партијата“, пишува Андонов.
Речиси девет години подоцна, тој ја оспорува пораката за „сам против сите“, со која, како што наведува, Мицкоски го објаснува поразот во Брвеница.
Андонов се осврнува и на четири ветувања што му ги припишува на Мицкоски пред доаѓањето на власт во 2024 година: враќање на името Република Македонија, повторно преговарање со Бугарија, економски напредок и подобар живот, како и ветувањето што во објавата го формулира со зборовите: „Ќе ја де-Албанизира Македонија“.
Според неговата оценка, ветувањата за името, Бугарија и животниот стандард не се исполнети, додека етничката исклучивост добила практичен израз во политичкото дејствување.
„Политички кретенизам е да сакаш да исклучиш 1/4 од сопствените граѓани од политичкиот живот на државата и во исто време е простачки етно-политички маркетинг со кој не се гради држава каква што е Македонија“, оценува Андонов.
Во објавата ги критикува и ВЛЕН за, според него, неисполнетите ветувања за напредок кон Европската Унија.
„Оттука, џабе се жали Мицкоски дека е сам против сите. Тој е сам против себе и за жал против сите нас“, заклучува Андонов.
Прашањето за внатрепартиската демократија Андонов го отвори и во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА во април 2025 година, кога изјави дека би се кандидирал за претседател на ВМРО-ДПМНЕ во подемократски партиски околности, со непосредно тајно гласање на членството.
ЦМ Деск
ГЛЕДАЈТЕ:
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












