Русија во ноќта кон 7 ноември ја нападна Украина со 172 дронови и 36 балистички ракети. Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, сите 36 ракети биле насочени кон Кијив и Кијивската област. Во ноќните напади низ Украина загинаа најмалку две лица, а околу 12 се повредени, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на украинските власти.
Украинските Воздухопловни сили соопштија дека до 09:00 часот по украинско време биле неутрализирани четири ракети и 149 дронови. Регистрирани се погодоци на 24 локации, а остатоци од соборени летала паднале на уште десет.
Во Кијивската област се погодени трафостаници преку кои главниот град и централните области се снабдуваат со струја од нуклеарните електрани „Ривне“ и „Хмелницки“. Зеленски соопшти дека Кијив се соочува со сериозни тешкотии во снабдувањето со струја, вода и греење. Во градот се оштетени станбени згради, детска градинка и Северниот мост преку Днипро, каде што по нападот беше запрен сообраќајот во двете насоки.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X напиша:
„рф, подготвувајќи се за трилатералните преговори, повторно истрела балистички ракети врз критичната инфраструктура на Украина. русите употребија 172 дрона и 36 балист. ракети – беа насочени кон Кијив и обл. Главната цел е да се уништи енергетската инфра-ра во пресрет на зимата.“
рф, подготвувајќи се за трилатералните преговори, повторно истрела балистички ракети врз критичната инфраструктура на Украина. русите употребија 172 дрона и 36 балист. ракети – беа насочени кон Кијив и обл. Главната цел е да се уништи енергетската инфра-ра во пресрет на зимата. https://t.co/0BknQi31y4
— Larysa Dir (@dir_larysa) November 7, 2026
Новата рунда разговори меѓу Украина, Русија и САД е најавена за 10 и 11 ноември во Абу Даби. Зеленски ги повика САД да ја засилат поддршката за Украина и санкциите против Русија.
На фронтот, украинскиот Генералштаб регистрира 190 борбени судири во текот на 6 ноември. На Костјантинивскиот правец биле пријавени 15 руски напади, а на Покровскиот пет. Според истиот извештај, руските сили извршиле 75 воздушни удари и употребиле 261 наведувана авиобомба.
Џ. Д.
Топлина за Украина: Повик за помош на амбуланта во близина на фронтот












