Редакциски коментар
Додека скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски ја претставува ноќната работа на градежните екипи како доказ за динамика и посветеност, секојдневието во главниот град покажува нешто друго.
Кога камерите ќе стивнат, ќе се види дека градот не живее онака како што властите со кратките видео клипчиња на Фејсбук или Инстаграм се обидуваат да го прикажат.
Власта постојано најавува нови контејнери, нова механизација, нулта толеранција и подобра организација. Кога дојде на чело на власта во главниот град, градоначалникот и партијата од која доаѓа направија ноќен спектакл со тоа што ја собраа целата механизација со која располагаат комуналните служби, најавувајќи решителна акција за чистење на градот и – да не објаснуваме понатаму. Доволно е да се погледне наоколу.
Градските власти прават филмови, но прашање е дали граѓанките и граѓаните го гледаат тој филм и во своето секојдневие?
Во политиката, „ветено“ не е исто што и „исполнето“, а доказ за тоа не се кратки видеа на социјалните мрежи. Особено кога станува збор за основни услуги што не бараат големи говори, туку ред, систем, одговорност и постојано присуство на терен – не на политичарите, туку на службите. Кои, пак, треба да бидат организирани, опремени и, секако, платени.
Затоа, денешното ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ на ЦИВИЛ е:
ВЕТЕНО – (НЕ)ИСПОЛНЕТО: Што мислите за градската хигиена во Скопје?
Меѓу првите коментари што пристигнаа по ова прашање беше и еден во кој се вели дека не е само Скопје. Затоа, Редакцијата ги повикува сите што имаат фотографија или видео, или коментар во кој ќе ја раскажат состојбата во нивната општина – да го направат тоа.
Запомнете: Градот не се гледа само од кабинет, прес-конференција или ноќна градежна акција. Градот најдобро се гледа од секојдневието на луѓето што живеат во него.












